• петок, 08 ноември 2024

Немањето негователи во струшката градинка ги извади родитлеите на протест, градоначалникот вината ја префрли во ресорното министерство

Немањето негователи во струшката градинка ги извади родитлеите на протест, градоначалникот вината ја префрли во ресорното министерство

Струга, 4 септември 2024 (МИА) - Родители на дечиња згрижени во детската градинка „8 Март“ денеска се собраа пред зградата на Општина Струга да изразат револт од немањето негователки во градинката, поради што децата им се згрижени до 12 часот, а дечињата од „јасли“ воопшто не се примаат.

Причината за таквата состојба, како што посочуваат, е немањето директор на институцијата повеќе од еден месец и нема кој да им ги продолжи договорите.

Загрижените родители ги прими градоначалникот Рамис Мерко, кој дел од вината ја впери во Министерството за труд и социјална политика во однос на решавањето на статусот на вработените со договор.

- На сегашната в.д. директорка и помина мандатот, побаравме друго лице од вработените не прифати и затоа се створи овој хаос во градинките во Струга. Денеска ќе објавиме конкурс и ако не прифаќаат вработените за в.д. директор, можеби ќе прифати некој однадвор да биде назначен за директор. Претходно ги решавав работите со втор мандат в.д. директор за тоа добив кривични пријави, немам морално и правно право да ја назначам по втор пат истата директорка за в.д. За негователките кои немаат договор нека се грижи Министерството за труд и социјална политика, градинките се под нивна надлежност, изјави Мерко по средбата.

Родителите упатија апел до институциите за брзо решевање на проблемот, бидејќи, според нив, носењето на децата со нив на работа не е решение.

- Се соочуваме со куп проблеми, а најголемиот е што негователките не се на работа, децата се згрижени само до 12 часот. Потоа мора да си ги земеме, а не сме во можност, зашто сите сме на работа, истакна Лилјана Тасеска, мајка на две дечиња.

Дрита Бајрами Костојчиноска, мајка на четири деца од кои две тримесечни близначиња вели дека се соочува со голем проблем бидејќи не и се згрижени поголемите дечиња од три и пет години.

- Немаме доволно негователки и воспитувачки, односно не им се продолжени договорите и нема кој да ги згрижи децата. Сама сум со четири деца роднини немам тука. Сама се справувам. Поголемите од три и пет години ги носам во градинка, а бебињата ги чувам, вели Бајрами Костојчиноска.

Немањето негователки го засега и Јованчо Мацески, татко на дете згрижено во објектот „Пеперутка“.

- Се соочуваме со проблем, децата не ни се згрижени и не знаеме како ќе биде во наредниот период. Ако грижата за најмалите е најважна, значи ние како општество пропаднавме и како општина и како држава. Не треба да доаѓа до протести собири и слично, има луѓе кои се платени за тоа и треба да изнаоѓаат решенија, заклучи Мацески.

Негователките во Струга во јануари годинава протестираа, бараа зголемување на платите и решавање на нивниот статус, но не наидоа на слух кај институциите, продолжија да работат непријавени и неосигурани за 10 - 15.000 денари месечен надомест. Во Детската градинка недостасуваат 20-тина негователки, воспитувачки и технички персонал, а од септември не се повикани ниту ново примените деца од списоците за згрижување. сс/цр

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан