• петок, 05 декември 2025

Независен кандидат за градоначалник на Дебар, Имери: Ќе бидам градоначалник на сите, ќе сторам се за да се подобри животот на граѓаните

Независен кандидат за градоначалник на Дебар, Имери:  Ќе бидам градоначалник на сите, ќе сторам се за да се подобри животот на граѓаните

Дебар, 10 октомври 2025 (МИА) –  Ќе бидам градоначалник на сите, како што и до сега сум бил народен човек, сум помагал секому, во рамки на можностите, без никаква помпезност, камери. Ќе работам максимално и транспарентно. Како што сите ме познаваат јас сум човек од збор, ветувам но и реализирам, порача Рамадан Имери, независен кандидат за градоначалник на Дебар, од вечерашниот централен изборен митинг.

Имери, кој кампањата ја води под слоганот „Решение за Дебар, не празни зборови“, презентирајќи ја програмата, меѓу другото, пред дебрани вети дека еден од главните приоритети ќе биде развојот на економијата и создавање нови работни места, со што ќе се стави крај на миграцијата, која илјадници млади однесе во САД и повеќе европски земји, додавајќи дека со реализација на реални проекти ќе овозможи достоен живот за сите.

- Ќе овозможам поддршка за средни и мали бизниси за економски развој, промовирање локални производи и туризам за поттикнување на економијата во градот. Вклученоста нема да биде само во урбаната средина, туку и во селата Могорче, Бањиште, Долно и Горно Косоврасти, Џепиште и Отишани, кои ќе бидат рамноправен дел од развојните проекти. Тоа преку отворање на нови можности за вработување и постојана поддршка за сите, со цел никој да не биде исклучен од развојот и напредокот на нашата општина, најави Имери.

Додаде дека во зоната меѓу граничниот премин „Блато“ и село Бањиште во долниот дел ќе се формира индустриска зона со цел да се привлечат нови бизнисите и да се отворат нови работни места, секако тоа посебно со поддршка на нашите иселеници.

Вети чиста и здрава животна средина, многу зелени површини, спортски полигони и игралишта, подобра инфраструктура, уредување на депонијата, изградба на паркинг простор, развој на спортот и културата, родова еднаквост, реализација на проекти од разни области.

- Мојот град е дел од мојот идентитет, дел од историјата и наследството што го добив од моето семејство. Растењето во едно одговорно семејство ме научи дека не е доволно да се зборува туку дека мора и да се дејствува. Секогаш сум дејствувал за луѓето, сум помагал кога било потребно, сум се предводел и сум го слушал гласот на граѓаните. Како историчар ја разбирам важноста на корените и културното наследство, почитувајќи го минатото, за да се изгради иднината, нагласи тој.

Барајќи ја довербата порача дека секоја одлука што ја донесувал и ќе ја донесува и секој е проект што го започнува има една цел да се подобри животот на граѓаните.

- Како независен кандидат јас сум ослободен од политички интереси. Народот е мојот прв приоритет и секоја одлука ќе биде донесена за доброто на секој граѓани на нашата општина. Мојата цел е да ја врати надежта во секој поглед а Дебар да стане град каков што посакува секој граѓанин-чист, развиен и силен во секој аспект. Не ветувам празни зборови туку дела кои ќе го променат и ќе го подобрат животот на граѓаните, порача Имери.

На митингот се обрати и носителот на листата Дргим Каја, кој вети максимална ангажираност и транспарентност и донесување одлуки во Советот, кои ќе бидат во интерес на сите граѓани.

На митингот покрај албанското беа поставени и македонското, турското и ромското знаме. вт/ир/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан