• четврток, 04 декември 2025

Игумен Спиридон за МИА: Козлецот служи за борба против ракот, но за тоа потребна е верба и во Бога

Игумен Спиридон за МИА: Козлецот служи за борба против ракот, но за тоа потребна е верба и во Бога

Ресен, 27 јули 2025 (МИА)

Козлец или змиското грозје, од кој во манастирот Успение на Пресвета Богородица во преспанското село Јанковец се лрави народен лек, секојдневно го бараат пациенти кај кои е дијагностициран рак.

Деновиве во валандовско-гевгелискиот регион, но и во Преспа и на Пелистер, на локации каде има помалку сонце, а повеќе влага, се собира козлец или змиско грозје, од чиј корен, кој во овој период е најсочен, се подготвува средството против канцер или болеста рак, вели за МИА, игумен Спиридон.

Манастирот Успение на Пресвета Богородица во Јанковец, според одредени податоци постои од 1528 година, а е возобновен кон крајот на 18 и почетокот на 19 век. Манастирот се наоѓа на надморска висина од 906 метри и е оддалечен 20 километри од Преспанско Езеро. Позицијата на манастирот е пристапна до народот и дава соодветен мир да се води монашки живот. Манастирот има за цел да го води народот духовно и световно, истакна нашиот домаќин, игуменот Спиридон.

- Животот во манастирот е организиран од монашка заедница, во типтихот е содржан редот во манастирот кој е отворен секој ден од 10 до 16 часот, а во празнични и неделни денови кога има богослужба, манастирот за верниот народ е отворен од 6:30 часот. Луѓето може постојано да доаѓаат да се информираат за духовниот живот, за богослужбениот дел, а со изработката на козлецот, манастирот е отворен за телесно болни, за духовна поткрепа, психичка поткрепа и тн. Јас во манастирот дојдов на 11 ноември 2015 година и тоа со благослов на неговото високо преосвештенство г. Петар, а потоа во 2017 година со осветувањето на црквата Св. Игнатиј станав Игумен, посочи нашиот домаќин не заборавајќи да не запознае со најважните информации за манастирот.

Манастирот Успение на Пресвета Богородица има две цркви, едната е старата црква Успение на Пресвета Богородица, изградена пред 200 години, која од фаза на распаѓање, пред три години е целосно возобновена. 

- За народниот лек козлец го користиме само коренот од змиско грозје. Рецептурата ја научив на Хиландер, во период кога престојував на Света Гора, со благослов на тамошните монаси, односно со благослов на игуменот Методиј. Козлецот го изработуваме тука во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Јанковец, затоа што во манастирот Хиландер не можеа да изработуваат од него и за кај нас и за во Србија, односно не можеа да постигнат поради се поголемиот број болни и затоа од 2020 година, тука го правиме. На почетокот не бевме многу афирмирани, затоа што ние не го сакавме тоа, а искрено не можевме ниту да најдеме големи количини од коренот на змиско грозје. Всушност, ние не можеме да стасаме за сите кои имаат потреба од него, а бројот на болни е се поголем. Но, благодарение на брат Душко од Валандово, кој на наше барање ни помогна да најдеме од коренот во валандовско-гевгелискиот регион, сега имаме доволно. Тој, еден ден ми се јави и ми рече: „Во нашата нива како некоја рака да посадила корен од змиско грозје!“ И од тогаш ни праќа по една вреќа од коренот. Така Бог благословил и токму затоа ние успеваме да помагаме на луѓето на кои им е потребна помош. Но, има и една дигресија во начинот на комуникација за споделување на лекот. Имено, луѓето, можеби од срам или од незнаење, неукост, немање можност и други непознати причини, не сакаат лично да го подигнат, односно да дојдат во манастирот. А, целта е да дојдат лично, да се запознаеме, да разговараме, да ги утешиме и заедно да се помолиме, посочи игумен Спиридон.

Змиското грозје или козлец обично никнува кон средината на јули, до почетокот на август. Во овој период од годината коренот е најсочен, може да се собира и има доволно сок кој потоа му помага на телото во борба против канцерогените клетки.

- Змиско грозје има и во Преспа, дури и на Пелистер, но не во доволни количини. За змиското грозје да никне потребно е малку сонце, а повеќе влага. Обично никнува кон средината на јули и го има до почетокот на август, што значи во овој период од годината коренот е најсочен, може да се собира и има доволно сок кој потоа му помага на телото во борба против канцерогените клетки. Отровот што коренот го содржи му помага на телото да го совлада, да го сузбие ракот. Ние не велиме дека сокот не е отровен, но тие колични кои што ние ги препорачуваме не се опасни, а од друга страна, доволно се за да може да му помогне на телото да се избори со канцерогените клетки. Доколку некој го изеде целиот корен, сигурно дека ќе има несакани дејствија, но токму затоа ние, според рецептурата од Хиландер, која утврдува како и на кој начин се подготвува козлецот, го правиме безопасен, а потоа со благослов, го даваме на луѓето. Сакам да истакнам дека кога ние добивме можност овде да го правиме лекот, и да можеме на верниот православен народ, но и на болни од другите конфесии, на муслимани, да им помагаме, бевме пресреќни.

Тој момент не може да се опише, затоа што радоста, можноста, желбата и дарот дека тоа ти можеш да го правиш е личен момент по кој мора да внимаваш, тој момент да не те понесе дека и ти си Бог затоа што тоа го правиш. Едноставно мора да знаеш дека Бог ти дал можност преку Него да дејствуваш, да бидеш продолжена рака на Бога, и тоа не станува заради тебе и заради твоите подвизи, туку Бог со неговата милост те одбрал тебе за ти послушно да го правиш тоа што Бог ти го дал, секогаш да си достапен за оние што имаат потреба за нивно лечење, спасение и утеха - вели отец Спиридон.

Монаштвото од манастирот Успение на Пресвета Богородица негува постојана комуникација со Здруженијата на онколошки пациенти, но и со доктори кои побарале лично да го користат лекот. Со цел да се спречат злоупотреби, козлецот се дели исклучиво лично.

- Ние, на почетокот во координација со Здруженијата на онколошки пациенти, во еден период, лекот го праќавме по карго, но се случи една ситуација на злоупотреба, односно едно исто лице често го нарачуваше лекот и дознавме дека го препродавал по 300 евра злоупотребувајќи ја болеста на луѓето. Затоа, со цел да нема злоупотреби и луѓето да се навикнат дека лекот сам по себе не е чудо, туку продолжена Божја рака за да се спасуваме, одлучивме колецот да се зема само лично од манастирот. Бесплатно го даваме, не се наплаќа, а количините се ограничени односно не можеме повеќе од две дози да дадеме затоа што има голема побарувачка. Некои сакаат козлецот да го земат за превенција, но ние го даваме исклучиво на луѓе кај кои е дијагностициран карцином и притоа даваме една, две или најмногу три дози за проблемот да се надмине. Ако пациентот не може да дојде поради потежок стадиум, не може да се движи и слично, тогаш во манастирот може да дојде член на семејството. Ние не бараме документација, затоа што веруваме дека тие на кои козлецот им е потребен се совесни и дека моралот им е висок. Заедно со козлецот издаваме упатство, појаснуваме како тој се користи и како делува. Треба да се знае дека две недели пред хемотерапија, за време на хемотерапија и две недели после хемотерапија, козлецот не се дава затоа што тогаш нема никаков ефект. Затоа, ние го потенцираме тој момент, информираме, за болните да разберат. За волја на вистината, Бог дејствува таму каде што има вистинска верба. На наша адреса пристигнале безброј писма од кои читаме дека резултатите кај болните во низа случаи се многу добри. Со чудење понекогаш реагираат и медицинарите, па има и доктори кои одлучуваат да дојдат кај нас и да го земат козлецот.

Се ова што се случува е милост Божја. Најмладата пациентка беше на возраст од две и пол години и имаше рак, тумор на мозокот, а највозрасниот пациент имаше 80 години, и двајцата успеаја да ја победат болеста со целосно исцелување. Пред некој ден дојде еден пациент од Тетово. Кога дојде по лекот, дојде со катетер и видно загрижен. А, потоа, после еден месец, дојде без катетер, расположен и лично се заблагодари. Сакам да истакнам дека за козлецот, во соработка и консултација со Илчо Захариев, поранешниот директор на Агенцијата за лекови, добивме потврда дека тоа е доволно пропишана доза која помага на човековото тело да се избори со канцерогените клетки - вели отецот.

Манастирскиот комплекс Успение на Пресвета Богородица е убав во секој период од годината и посебно во лето, затоа што е окружен со густа дабова шума, има прекрасна летна тераса на која може да се отседне и долго време манастирот да се набљудува. Во двете цркви може да се погледнат изложени се копии на чудотворната икона Геронтиса на Пресвета Богородица од Света Гора и икона на мајката Божја, исто така копија од Света Гора. Црквата Свети Игнатие Богоносец е нова градба и е изградена затоа што има наоди дека на истото место постоела црква на Свети Игнатие Богоносец и била точно на патот Виа Игнација, каде врвел свети Игнатие патувајќи за Рим.

- Во манастирот доаѓаат многу посетители не само заради лекот, туку и заради духовна потреба. Има и странци, но странците ги оставаме само да го разгледаат дворот. Ние не дозволуваме да влезат во црквата затоа што според моето лично размилсување, тие нема потреба да ја знаат нашата историја. Причините се многу добро познати. Угнетувањето на македонската нација, идентитет, народ, јазик и се останато..., така што нема потреба да знаат за црквата и да влегуваат внатре во црквата. Следниот месец, на торжествен начин ќе го прославиме празникот на манастирот. Вечерта спроти празникот имаме голема вечерна богослужба на која присуствува и неговото високопреосвештенство владиката г. Петар, имаме оплакување на Пресвета Богородица и богослужбата завршува околу 23 часот. Тоа го правиме откако јас сум дојден во манастирот. Порано, пред јас да дојдам, во манастирот и околу него имало свирки, тапани, пиење, јадење, пејачки итн., но јас тоа го забранив. Забраната е затоа што додека на одарот во црквата, Богородица лежи упокоена, не смее да има свирки и тапани.

Според мене недолично е христијански празник да се слави со гозби и алкохол, затоа што тогаш луѓето се опиваат, псујат и празнувањето од голема радост, преминува во голем хорор. Затоа ние во манастирот не практикуваме организирање забави, напротив на денот на празникот, после светата литургија, верниот народ го повикуваме на трпеза, ги служиме со грав и риба и во најубава молитвена атмосфера го прославуваме празникот. Овој начин е прифатен и секоја година бројот на посетители е се поголем и поголем, нагласи игуменот Спиридон.

Нашата пријатна посета на манастирот Успение на Пресвета Богородица во Јанковец ја завршивме според христијанските обичаи, а нашиот домаќин, игуменот Спиридон порача дека должни сме како крстени православни да го запознаеме Христос, да ја разбираме верата.

- Ние треба да ја живееме верата и бидејќи се околу нас е лицемерно, нестварно, лажовно, уништувачко...ние треба да ги насочиме силите, мислите, чувствата, љубовта кон Христа, кон Господа, а во таа љубов и од, кон Бога, ќе се научиме да се жртвуваме за ближниот свој, не само ние, туку и тие што ќе го гледаат нашето дело - не испраќа игуменот.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан