• сабота, 23 ноември 2024

На Фестивалот „Весело штурче“ во Штип ќе бидат испеани 21 детска песна

На Фестивалот „Весело штурче“ во Штип ќе бидат испеани 21 детска песна

Штип, 30 август 2023 (МИА) - Во големата сала на Домот на култура во Штип на 28 септември по вторпат ќе се одржи фестивалот „Веселото штурче“, на кој ќе настапат  24 деца со 21 нова песна кои беа избрани по пат на конкурси, најави директорот на Фестивалот, Филип Стевановски.

И годинава солистите ќе ги придружуваат хор и детски бенд. Доколку има интерес, посочува Стевановски, ќе се организира и претпремиерен концерт, како што беше и минатата година.

-Официјално, датумот ќе биде 28 септември, со почеток во 19:30 часот. Тоа ќе биде премиерата на Фестивалот каде што премиерно ќе се изведат новите композиции, новите песни коишто ги имаме за оваа година, а имаме веќе 21 авторска песна од различни автори, од нив три се дуетски, значи, ќе настапат 24 деца коишто се солисти на Фестивалот. Имаме хор од 14 деца и бенд од четири дечиња, вели Стевановски.

Новитет оваа година е што Фестивалот ќе има хуманитарен карактер. Производи со ликот на веселото штурче ќе се продаваат на штанд на самата фестивалска вечер, а потоа дел од собраните средства, како и дел од средствата од продажбата на влезници ќе имаат хуманитарна намена. Следната година ќе се стипендираат оние дечиња кои имаат талент, но не и финансиска можност да бидат дел од Фестивалот. Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница вели дека ваквата идеја се спроведува заедно со нив.

-Идејата е преку тоа што секој од нас ќе купи карта за Фестивалот, ќе купи некаков производ, ќе донира приватни средства. Тие средства да ги здружиме и да направиме нешто коешто е важно не само за децата, туку за целата заедница. Идејата е ова да оди како долгорочна соработка, почнувајќи од овој Фестивал. Ќе бидат купени инструменти коишто ќе ги користат децата. Од следната година планираме да направиме една поширока селекција на деца низ училиштата, вклучувајќи ги и основните училишта, со цел да ги пронајдеме талентите коишто немаат финансиска можност да учествуваат и да им овозможиме да го направат тоа, вели Шарковски, програмски директор на ФРЛЗ.

Фестивалот „Весело штурче“ и оваа година е поддржан од повеќе приватни компании и физички лица. По фестивалската вечер, ќе следуваат и концерти и каравани во повеќе градови од земјава, со цел „Веселото штурче“ да не остане во Штип. вдј/бт/

Остани поврзан