• вторник, 31 март 2026

На пат од Либија кон Грција животот го загубиле 22 мигранти

На пат од Либија кон Грција животот го загубиле 22 мигранти

Атина, 28 март 2026 (МИА) – Во близина на грчкиот остров Крит спасени биле 26 мигратни, кои подоцна изјавиле дека во чамецот што на 21 март тргнал од приморскиот град Тобрук во Либија, биле вкупно 48 патници, а за време на патувањето откако се загубиле и шест дена биле без вода и храна, загинале 22 лица, соопштија од крајбрежната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Крајбрежната служба била информирана дека во морската област на 52 наутички милји јужно од градот Иерапетра на Крит, гумениот чамецот со мигранти е во неповолна положба, при што на помош пристигнал брод на Фронтекс и спасил 24 мажи, една жена и едно дете, кои биле пренесени на пристаниште, а двајца од спасените биле транспортирани во болница за укажување медицинска помош.

- Според мигрантите, чамецот тргнал во вечерните часови на 21 март 2026 година од Тобрук, Либија, кон Грција. Како што произлезе од предистражниот процес првично во чамецот имало вкупно 48 лица. За време на патувањето ја изгубиле ориентацијата и шест дена останале на море без вода и храна. Според изјавите на спасените, 22 лица ги загубиле животите поради тешките услови и исцрпеност, а нивните тела биле фрлени во морето по наредба на еден од криумчарите. За транспортот до Грција, мигрантите платиле 1.000.000 бангладешки така, 10.000 американски долари и 12.000 либиски динари, соопштија од крајбрежната служба на Грција.

При истрагата, уапсени се двајца државјани од Јужен Судан на возраст од 19 и 22 години, кои биле идентификувани како криумчари, а обвинети се за нелегален влез во земјата, олеснување на нелегална миграција, соучесништво, изложување со смртни последици и убиство од небрежност. ср/ссм/

Фото: Крајбрежна служба на Грција

Остани поврзан