• вторник, 24 декември 2024

На месечина на Сатурн забележан клучниот елемент во создавањето на животот на Земјата - фосфор

На месечина на Сатурн забележан клучниот елемент во создавањето на животот на Земјата - фосфор

Хјустон, 15 јуни 2023 (МИА) - Научници од САД открија дека фосфорот - клучен елемент во создавањето на животот на Земјата, го има и во океанот под ледената површина на Енцелад -  еден од природните сателити на планетата Сатурн. Ова откритие се заснова на анализата на податоците собрани од сондата „Касини“ на НАСА, а објавено е во престижното научно списание „Нејчр“ (Nature).

- Ова е неверојатно откритие за астробиологијата. Пронајдовме изобилство на фосфор во примероците мраз кои избиваат од подземниот океан, изјави Кристофер Глен од Југозападниот истражувачки институт.

Гејзерите на јужниот пол на Енцелад исфрлаат парчиња мраз преку пукнатините на површината и на тој начин се лепат на прстените на Сатурн. Научниците претходно забележаа одредени други минерали и органски соединенија во тој мраз, но не и фосфор, којшто е суштински елемент за градењето ДНК и РНК и се наоѓа во коските и забите на луѓето, животните, па дури и кај океанските планктони.

- Геохемиското моделирање претходно предвиде дека фосфорот најверојатно ќе биде присутен и тоа предвидување се оствари, но едно е да се предвиди нешто, а друго да се потврди, рече Глен.

Сондата „Касини“ почна да го истражува Сатурн и неговите прстени и месечини во 2004., пред да изгори во атмосферата на гасовитиот џин кога нејзината мисија заврши во 2017 година.  си/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан