• вторник, 24 декември 2024

На крајот на мај одново се воведува бродската линија меѓу Кипар и Грција

На крајот на мај одново се воведува бродската линија меѓу Кипар и Грција

Никозија, 11 април 2023 (МИА) – Втора година по ред, Грција и Кипар за време на летниот период ќе бидат поврзани и со бродска линија, а првиот траект ќе тргне на крајот на мај, јави дописничката на МИА од Атина.

Бродот ќе биде истиот што сообраќаше и лани, плови под кипарско знаме, патувањето трае 31 час, од Кипар ќе тргнува од пристаништата во Лимасол и Ларнака, а крајната дестинација е атинското пристаниште Пиреас.

Првиот траект е планиран од Лимасол на 31 мај, а последниот, на крајот од сезоната ќе тргне од Пиреас за Ларнака на 1 септември.

Заменик- министерката за поморство на Кипар Марина Хаѕиманоли на прес конференција рекла дека со алтернативната можност за патување во Грција, тие како Министерство даваат големо значење на потребите на граѓаните, „особено на оние кои се соочуваат со потешкотии при патување со авион, без разлика дали е од медицински причини, поради возраст или поради аерофобија“.

На средината на јуни 2022 година, по пауза од над 20 години одново беше воведена редовна бродска линија меѓу Грција и Кипар, а според надлежната министерка лани, со траектот патувале 7.412 патници и биле пренесени 2.250 возила. ср/сд/

Остани поврзан