• сабота, 28 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
12 јануари 2020 (МИА) 1628.- Роден е францускиот писател Шарл Перо, автор на прочуените збирки бајки „Самовилски приказни“, „Мачорот во чизми“, „Црвенкапа“, „Заспаната убавица“ и други. 1746.- Во Цирих се родил Јохан Хајнрих Песталоци, швајцарски педагог и реформатор. Познати се неговите дела „Како Гертруда ги учи своите деца“, „Линхард и Гертруда“, „Лебедова песна и други“. Умрел во Бруг, на 17 февруари 1827 година. 1773.- Во Чарлстон во Јужна Каролина бил основан првиот музеј во САД. 1829.- Умрел германскиот писател Фридрих фон Шлегел, најзначаен теоретичар на германскиот романтизам и еден од првите европски модернисти. Дела:  „Луцинда“, „Историја на старата и новата литература“ (еден од првите прегледи на светската литература). 1839.- Францускиот сликар Едгар Дега го прикажал во Париз својот пронајдок - фотографирање со помош на сребрени или посребрени бакарни плочки покриени со пласт од јодит на сребро. Тоа била првата фотографска постапка, наречена според својот пронаоѓач дегеротипија, што овозможила да се добие еден позитив со помош на живина пареа. 1876.- Во Сан Франциско е роден Џек Лондон (вистинското име му е Џон Грифит), американски писател, социјалист, наречен американски Горки поради симпатиите спрема луѓето од дното. Најпознати негови дела се "Железна пета", "Мартин Идн", "Луѓе од бездната", "Кралот алкохол", "Повикот на дивината", "Морски волк", "Белиот песјак". Умрел во Глен Елен, на 22 ноември 1916 година. 1878.- Роден е унгарскиот писател Геренц Молнар, творец на публистичкиот стил во унгарската литература, кој со романот „Јунаците од Павловата улица“ создал класично дело за младинската литература. Дела: драми и комедии „Лилиом“, „Волк“, „Гардист“, „Црвена воденица“, „Чудо меѓу ридовите“, „Лебед“, „Олимпија“, „Игра во дворецот“. 1893.- Роден е германскиот воен злосторник Херман Вилхелм Геринг, маршал во Третиот рајх и основач на злогласната нацистичка политичка полиција Гестапо. Познат бил и како организатор на незапаметените кражби на културното благо ширум окупираната Европа. Како министер за воздухопловство бил одговорен за бомбардирањето на незаштитените градови и масовното страдање на цивилите во Втората светска војна. По смртната пресуда која заради воените злосторства му ја изрекол Меѓународниот суд во Нирнберг, се самоубил во октомври во 1946 година, испивајќи отров. 1899.- Роден е швајцарскиот биохемичар Паул Херман Милер, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1948 година, кој го открил инсектицидот DDT. 1932.- Хети Каравај, демократ од Арканзас, станала првата жена избрана во американскиот Сенат. 1945.- Во текот на жестоките борби во Ардените, советските сили тргнале во голема офанзива против Третиот рајх. Челичниот валјак брзо ја пробил непријателската одбрана во длабочина од 150 километри, а на 3 февруари првите советски тенкови стигнале до Кистрин и Франкфурт, само 80 километри од Берлин. 1964.- Во Скопје е основан Музејот на современа уметност. Прв директор бил Борис Петковски. 1976.- Умрела англиската писателка Агата Кристи, автор на многу детективски романи, но и на драмски дела. Напишала и необично интересна автобиографија. Дела: „Убиството на Роџер Ајкрофт“, „Мрша во саркофаг“, „Убиство во Ориент експрес“, „Никотин“, „Отворени карти“, „Убиство во Месопотамија“ и други. 1978.- Советскиот вселенски брод „Сојуз 27“ се споил со системот „Сојуз 6 - Сојуз 26“ со што за првпат околу Земјината орбита е создаден пилотиран научно-истражувачки комплекс што го сочинуваат орбитална станица и два транспортни брода. 1986.- Во Сан Франциско умрел Боб Кауфман, наречен „Црниот Рамбо“. Бил еден од основачите на бит-поезијата. Роден бил во 1926 година. 1987.- Во Москва умрел Анатолиј Ефрос, познат советски режисер. Неговите режии повеќе од три децении го свртувале вниманието на публиката како во Советскиот Сојуз, така и во земјите во кои гостувале претставите. Во 1985 година во Скопје настапил и ансамблот на театарот "Таганка" од Москва со три претстави во режија на Ефрос: "На дното" од Горки, "Вишновата градина" од Чехов и "Војната нема женско лице". Роден бил во 1925 година. 1987.- Во Битола умрела Васка Бошкова, артистка на Народниот театар во Битола и една од пионерките на овој драмски ансамбл. На сцената стапила со неполни 17 години, а нејзиниот прв поголем успех била улогата на Петрунела во Држиќевиот „Дундо Марое“. Родена била во 1926 година. 1990.- Романскиот претседател Јон Илиеску соопштил дека Комунистичката партија на Романија е ставена вон законот. 1990.- Во манастирот "Свети Гаврил Лесновски", умрел епископот велички Гаврил (Парнаџиев). Роден бил во Штип, на 10 март 1926 година. 1991.- Американскиот Конгрес му одобрил на претседателот Џорџ Буш со воена сила да ја отстрани ирачката армија од Кувајт. 1993.- Во Скопје умрел Чедо Јакимовски, македонски писател и новинар. Автор е на книгите „Нарциса“, „Лажно море“ и „Халеевата комета“. Роден бил во Кратово, на 22 февруари 1940 година. 1998.- Германија востановила фонд од 200 милиони марки заради обештетување на околу 18.000 Евреи од источноевропските земји, жртви на нацизмот во Втората светска војна. 2000.- Турската влада ја одложи смртната казна со бесење на курдскиот бунтовник Абдулах Оџалан. 2000.- Велика Британија им дозволила на хомосексуалците да работат во службите на оружените сили. 2002.- Во њујоршката болница „Синај“ умрел некогашниот државен секретар на САД Сајрус Венс (84). Во 1991 година бил на функцијата специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во поранешна Југославија. 2004.- Во Скопје умрел Благоја Ѓорѓиоски - Лактински, македонски писател и новинар. Автор бил на книгата „Атом на мојата постела“. Роден е во селото Лактиње, Охридско, на 10 март 1942 година. 2005.- Европскиот парламент го ратификувал Уставот на Европската унија. 2006.- Во стампедо меѓу верниците, на последниот ден на молитвените обреди во Мина, источно од светиот град Мека, загинале 363 луѓе, а повеќе од 200 биле повредени. 2006.- Турчинот Мехмет Али Агџа, кој во 1981 година се обидел да го убие папата Јован Павле Втори, бил пуштен на слобода по одлежани речиси 25 години затвор во италијански и турски затвори заради атентат врз папата и убиство на турски новинар. 2008.- Армиски хеликоптер Ми-17 околу пладне се урнал во селото Блаце кај Катланово. Хеликоптерот се урнал на само 50-ина метри од последните куќи во селото. Во услови на намалена видливост, поради маглата, хеликоптерот ја започнал постапката за слетување на аеродромот „Александар Велики“. На стравотниот пад на армискиот хеликоптер му претходела експлозија. Немало жртви од мештаните. Во несреќата никој не преживеал. Загинале потполковник Тони Спасовски, водник Александар Васиќ, водник Александар Тасковски, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ, мајор Горан Ристовски, десетар Златко Вељановски, капетан Бране Спасовски, водник Мики Ивановски, заставник Славчо Василев и капетан Игор Ѓоревски. Единаесеттемина мировници се враќале од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина. 2015.- Поранешната Мис на Шведска и „секс божица“ на шеесеттите години на 20. век, Анита Екберг, починала во Рим на 83-годишна возраст. Екберг се прославил настапувајќи во култниот филм од 1960 година, „Слаткиот живот“ на прославениот италијански режисер Федерико Фелини. Анита Екберг сними уште десетина други филмови во Европа и во Холивуд, но останала најмногу запаметена по својата улога во филмот „Долче Вита“. ###

Остани поврзан