• среда, 27 ноември 2024
На денешен ден
29 март 2020 (МИА) 1461.- Во најкрвавата битка во Војната меѓу двете ружи во Англија, околу 36.000 војници под знамето на династијата Јорк, кај Тоунтон близу Јорк, ги поразиле околу 40.000 војници на армијата на династијата Ланкастер, со што династијата Јорк го осигурала престолот на Едвард Четврти. 1772.- Умрел шведскиот филозоф Емануел Сведенборг, автор на мистичко-теозофското учење за природата, посебно за човековата природа. За неговите визии пишувал и Емануел Кант во делото „Соновите на еден духовник“. Најпознати дела на Сведенборг се „Opera philosophica et mineralia“, „Arcana coelestica“ и „De nova Hierosolyma“. 1792.- Умрел шведскиот крал Густав Трети, 13 дена откако атентатор пукал кон него во опера во Стокхолм. Од стапувањето на престолот во 1771 година владеел апсолутистички, но бил и голем покровител на уметноста. Војувал против Русија од 1788 до 1790 година и безуспешно се обидувал да го заземе Санкт Петербург. Инспириран со атентатот врз него, Џузепе Верди ја напишал операта „Бал под маски“. 1809.- Шведскиот крал Густав Четврти морал да абдицира после серијата порази на шведските трупи во војната со Данска. 1814.- Во Данска Евреите биле изедначени во правата со останатите граѓани. 1848.- Почнала тригодишната војна меѓу Данска и Прусија во која Данците претрпеле пораз. Данска изгубила голем дел од територијата на јужниот полуостров Јитланд. 1849.- Велика Британија го анектирала Пенџаб и го присоединила кон Индија. 1864.- Грција го повратила суверенитетот над островите во Јонското Море, дотогаш под колонијална управа на Велика Британија. 1867.- Британската Влада во северниот дел на Америка го формирала доминионот Канада со три покраини: Канада, Нова Шкотска и Њу Брунсвик. Со Вестминистерскиот статут од 1913 година Канада и формално станала независна држава на британскиот Комонвелт. 1895.- Во Хајделберг е роден Ернст Југнер, германски писател кој бил во заговор за атентатот на Хитлер на 20 јули 1944 година. Во германската војска служел во двете светски војни. Напиша повеќе романи со воена тематика. Умрел во Вилфлинген, на 17 февруари 1998 година. 1899.- Роден е шефот на злогласната советска политичка полиција НКВД и потпретседател на Владата на Советскиот Сојуз Лаврентиј Павлович Берија, кој во „големите чистки“ организирал физички ликвидации на болшевичките првенци, а од 1938 година раководел со системот на концентрационите логори (ГУЛАГ) во кои биле затворани милиони луѓе. Постојат големи сомнежи дека го отрул Сталин. Бил уапсен во средината на 1953 година, по смртта на Сталин, под обвинение дека правел заговор да ја преземе власта, а во декември 1953 година бил стрелан. 1901.- На првите федерални избори во Австралија победила Лабуристичката партија. 1902.- Роден е англискиот композитор Вилијам Тарнер Волтон, творец на чувствителна и лирска музика со неоромантичарски стил. Негови најпознати дела се мелодрамите „Фасада“, „Балтазаровиот пир“ и „Концерт за виолина“. 1912.- Англискиот поларен истражувач Роберт Фалкон Скот умрел од студ и глад при враќањето од Јужниот пол, каде што пристигнал на 13 јануари 1912 година, четири недели после Норвежанецот Руалд Амундсен. 1945.- Со истоварувањето на специјални диверзантски трупи на американската морнарица почнала борбата за Окинава, крстосница на Исток, бидејќи е еднакво оддалечена од Јапонија, Кина и Формоза. Во крвавите борби американските десантни единици загубиле околу 50.000 луѓе, а јапонските околу 110.000 луѓе. 1946.- Со новиот устав Златниот Брег (сегашна Гана) станала првата британска колонија во Африка со африканско мнозинство во Парламентот, но на целосна независност чекала уште 14 години. 1967.- Франција ја пуштила в море првата нуклеарна подморница. 1967.- Со одлука на Собранието на Општина Крушево биле основани Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“. 1973.- Последниот контингент американски трупи го напуштил Виетнам и со тоа завршило директното воено учество на САД во долгогодишната Виетнамска војна. 1974.- Првите фотографии од Меркур ги снимил американскиот вештачки сателит „Маринер 10“. 1989.- Советот на Струшките вечери на поезијата го прогласил австралискиот поет Томас Шапкот за добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 1989 година. 1990.- Премиерот на Австралија Боб Хоук ги добил изборите, станувајќи прв лабурист кој четирипати непрекинато ја освојувал функцијата шеф на влада. 2004.- НАТО официјално бил проширен со седум нови земји од источна и југоисточна Европа, од дотогашните 19 на 26. Нови членки станале Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија. 2004.- Ирска станала првата земја во Европа која го забрани пушењето во пабовите, рестораните, хотелите и на работните места. 2008.- Најмалку 65 рудари загинале по уривањето од силните дождови на рудникот за полудрагоцени камења во Танзанија. Рудникот по име Танзанит, чии наоѓалишта постојат само во таа источноафриканска земја, се наоѓа на 40-ина километри југоисточно од градот Аруш, на североисток во Танзанија. 2014.- Починал Борислав Петар Градишки, еден од најголемите борци за македонската национална самостојност. Бил идеолог на илегалното македонско национално движење „БУНТ“. Бил казнет на 12 години робија во затворот Идризово, од 1945 до 1957 година. Голите факти кажуваат дека тој е еден од најтешките политички затвореници во Македонија, со доделена затворска казна од дваесет години затвор и одлежани дванаесет и е вистинско чудо што воопшто преживеал, земајќи ја во предвид тогашната жестокост што се манифестирала кон дејците за македонската национална самостојност. Познат и е на македонската јавност како поет и сликар. Збирки песни: „Исповед на еден проколнат поет“ (сонетен венец) и „Мртовечки сон“. ###

Остани поврзан