На веќе осудениот критичар на Кремљ, Алексеј Горинов, повторно му се суди заради противење на војната во Украина
- -Далеку сум од идеологијата на тероризмот, рече Горинов. Тој рече дека „ништо друго не е докажано во истрагата, а во обвинението само е напишано некое ѓубре“.
Москва, 27 ноември 2024 (МИА) – Осудениот и веќе затворен критичар на Кремљ, Алексеј Горинов, денеска се појави пред суд, на второто судење за неговото противење на руската војна во Украина, пренесува независната информативна страница Медиазон.
Новото судење на Горинов, поранешен член на општинскиот совет на Москва, кој боледува од хронично белодробно заболување, е последното во серијата мерки на властите против критичарите на режимот, започнати од Кремљ по почетокот на војната во Украина, на 24 февруари 2022 година.
Горинов веќе отслужува седумгодишна затворска казна за јавно критикување на инвазијата и беше првиот познат Русин кој беше испратен во затвор според законот со кој практично се забранува секое јавно изразување за војната што отстапува од официјалниот наратив.
Во јули 2022 година, тој беше осуден за „ширење лажни информации“ за руската армија на состанокот на општинскиот совет, изразувајќи непријатност поради детскиот ликовен конкурс во неговата изборна единица, истовремено велејќи дека „деца умираат во Украина секој ден“.
Властите покренаа втор случај против него минатата година. Тој е обвинет за „оправдување тероризам“ во разговорите со неговиот затворски колега за украинскиот баталјон Азов, кој Русија го забрани како терористичка организација, и за експлозијата на мостот на Крим во 2022 година.
Горинов денеска ги отфрли обвинувањата велејќи дека само рекол дека анектираниот полуостров Крим е украинска територија и дека Азов го нарекол дел од украинската армија.
-Далеку сум од идеологијата на тероризмот, рече Горинов. Тој рече дека „ништо друго не е докажано во истрагата, а во обвинението само е напишано некое ѓубре“.
Нему уште пред затворањето му бил изваден дел од белите дробови, а за време на затворската казна се бори со респираторни заболувања.
Доколку биде прогласен за виновен, на Горинов му се заканува казна од уште пет години затвор. сд/
фото: Википедија