Најновите макроекономски проекции на НБ презентирани пред меѓународните институции
- На презентацијата е посочено дека нарушувањата на понудата поради војната во Украина, застоите во глобалните синџири на снабдување и логистика и повисоките производствени трошоци предизвикани
Скопје, 25 ноември 2022 (МИА) - Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.
На настанот, како што денеска соопшти Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на ОН (УНДП), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Кина, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Франција, Холандија, Хрватска, Швајцарија, Шведска и на Шпанија.
На презентацијата е посочено дека нарушувањата на понудата поради војната во Украина, застоите во глобалните синџири на снабдување и логистика и повисоките производствени трошоци предизвикани од повисоките цени на енергијата предизвикуваат раст на цените на храната на светските берзи. Ваквите ценовни движења на светските берзи се пренесени и во домашната економија, имајќи предвид дека сме исклучително отворена економија (140 проценти од БДП).
- Тргнувајќи од фактот дека цените на храната и енергијата кај нас формираат три четвртини од вкупната инфлација годинава, Народната банка изврши нагорна ревизија на инфлацијата за оваа година на 14,3 проценти, се наведува во соопштението.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека најновите проекции за движењата на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци од увозните цени, при што се очекува дека цените на храната и на нафтата ќе забележат пад во текот на наредната година.
- Следствено на ова, како и под влијание на најавените мерки за субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија од страна на државата и ефектите од постепеното затегнување на монетарната политика, во 2023 година се предвидува забавување на инфлацијата на околу 8 - 9 проценти на годишна основа. На среден рок се очекува стабилизирање на инфлацијата и сведување на историските стапки од околу 2 проценти, односно 2,4 и 2 проценти во 2024 и 2025 година. Дотогаш се очекува дека целосно ќе се исцрпат на ефектите од тековниот пораст на цените на примарните прехранбени и енергетски производи на светскиот пазар, а под претпоставка дека нема да има нови шокови на страната на понудата, се вели во соопштението.
Гувернерката нагласи и дека уште од минатата година Народната банка започнала со затегнување на монетарната политика преку низа инструменти, заради стабилизирање на инфлациските очекувања, пред сè преку интервенција на девизниот пазар со која оптимално се регулира ликвидноста којашто е во оптек.
На презентацијата е посочено дека неповолното надворешно опкружување, видливите ефекти од кризата врз дел од домашните производствени капацитети при зголемени производствени трошоци, главно поврзани со енергијата, како и намалената куповна моќ на населението, се фактори коишто влијаат за надолна корекција на растот за 2022 и 2023 година. Очекувањата за растот на македонската економија е дека тој ќе забави годинава и догодина, како што, впрочем, се очекува и за глобалната економија. Според основното сценарио на НБ, стапките на раст изнесуваат 2,3 и 2,6 проценти за 2022 и 2023 година, додека со алтернативното сценарио се очекуваат стапки на раст од 2 и 1,8 проценти, соодветно за оваа и за следната година. На среден рок, се предвидува забрзување на економскиот раст на 3,6 во 2024 година и 4 проценти во 2025 година.
Се очекува банкарскиот сектор и понатаму да обезбедува поддршка за економијата, при што во претстојниот период се предвидува натамошен раст кај кредитирањето, иако со поумерена динамика. Се очекува дека растот на кредитите годинава ќе изнесува 9,2 проценти на годишна основа, што би значело одредено забавување на кредитирањето во втората половина на годината, под влијание на очекувањата за послаба економска активност, зголемената неизвесност, умерениот раст на депозитната база и одреден ефект од мерките на Народната банка преку позатегната монетарна политика. Растот на депозитите до крајот на 2022 година се очекува да достигне до 3,9 проценти. бак/сп/