• четврток, 05 март 2026

Најмалку населено островче во светот: Mесто само за една куќа

Најмалку населено островче во светот: Mесто само за една куќа

Вашингтон, 5 март 2026 (МИА) - Со површина едвај доволна за два терени за одбојка, ова островче важи за најмалку населено во светот. Неговото име е Џаст рум инаф („Just Room Enough Island“). На островот се наоѓа една куќа, едно дрво и две градинарски столици. Просторот не дозволува ништо повеќе.

„Понекогаш, не е потребно многу за да се постигне светски рекорд. Во овој случај, доволни биле само куќата, дрвото и двете столици. Џаст рум инаф (Just Room Enough Island), познато и како Хаб (Hub Island), се наоѓа на реката Сент Лоренс во државата Њујорк, многу блиску до канадската граница“, пренесува Блиц.

Она што некои би го сметале за ненаселиво место, за богатото семејство  Сајзеланд  (Sizeland) во педесеттите години од минатиот век било совршено за викенд куќа. Тие купиле остров, ја изградиле куќата на карпи и од тогаш го поминуваат својот одмор на ова мало островче среде реката. Сепак, по изградбата не останал многу простор за движење.

Целиот остров се протега на само 310 квадратни метри. Куќата зазема најголем дел од просторот. Пред неа има место само за две градинарски столици, мала плажа и дрво. Со својот необичен избор на место за одмор, ова семејство не очекувало дека теренот ќе постигне светски рекорд. И покрај тоа што островот не е постојано населен, според Гинисовата книга на рекорди, се смета за најмалку населено островче во светот, на север во САД. мв/сд/

Фото: Википедија

Остани поврзан