• понеделник, 23 декември 2024

НКЕУ-МК ќе одржи сесија за улогата на сигурните податоци како предуслов за борба против корупцијата

НКЕУ-МК ќе одржи сесија за улогата на сигурните податоци како предуслов за борба против корупцијата

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи 4-та сесија од Работната група 6 (Поглавје 5-Јавни набавки; Поглавје 18-Статистика; Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“. 

На сесијата воведни обраќања ќе имаат националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење Милева Ѓуровска и Гонце Јаковлевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка.    

Во првиот дел ќе се одржи панел-дискусија на која ќе учествуваат гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, в.д. директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, како и Емилиа Сичикова – Беблава, директор на Институтот за јавни политики на Факултетот за социјални и економски науки при Универзитетот Коменски во Братислава и Мојмир Мрак, професор и раководител на Жан Моне катедрата на Академската единица за пари и финансии при Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана. 

Како што соопштија организаторите, во вториот дел со експертиза ќе се претстават Мај Ериксон Готер и Драган Тевдовски.

Дискусии ќе имаат и Јоана Маџоска економист при Светска банка и Благоја Пандовски, претседател на „Транспаренси интернешнал –Македонија“. 

На оваа сесија дијалогот ќе се посвети на прашања за значењето и улогата на статистичките податоци во развојните тенденции на современите општества.

- Прецизни, конзистентни, неутрални и навремени статистички податоци се исклучително значајни во носењето на правилни одлуки. Исто така, веродостојни и споредливи податоци се почетна база во креирање на јавни политики и други стратешки документи, наведуваат организаторите.

Европската Унија преку ЕВРОСТАТ развива единствени методологии за собирање податоци што помага во создавањето споредливи статистички податоци меѓу земјите-членки, меѓу кои имаат посебно значење економските статистики преку кои се управуваат економските политики. Во таа насока, националните статистики на државите – кандидатки за членство во ЕУ треба да обезбедат доверливи и споредбени податоци преку кои ќе се проценува напредокот во реформските процеси и исполнувањето на критериумите од Европската агенда.

Дијалогот ќе ги опфати и прашањата за улогата на статистичките податоци во борбата против корупцијата, како и прашањата за улогата на статистиката во откривањето на жариштата на корупција, следење на напредокот во борбата против корупцијата и постоењето на ажурирани податоци за владеење на правото (поддршка на истрагите и борбата против високата корупција), контролата на корупцијата како централна тема за напредокот на земјава кон ЕУ, улогата на податоците во привлекувањето на странски инвестиции, прашањето за нивото на експертиза и технолошки ресурси за ефективно да се анализираат и искористат статистичките податоци и достапноста на статистичките показатели во македонскиот контекст и други аспекти поврзани со доверливоста. нд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан