Изложба „Во спокој“ на Анита Огњановска во КИЦ
- Ова е деветта самостојна изложба на Огњановска која пред публиката ќе претстави нови 40-на дела, главно изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно.

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Во двата изложбени салона на Културно-информативниот центар (КИЦ) - Скопје, Империјал 1 и Империјал 2, вечер ќе биде отворена изложбата „Во спокој“ на Анита Огњановска. Ова е деветта самостојна изложба на Огњановска која пред публиката ќе претстави нови 40-на дела.
Делата на авторката, како што наведува КИЦ, ги истражуваат личните емоции, секојдневните моменти и симболиката на деталите кои носат длабока значајност, а главно се изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно.
Изборот на делата за оваа изложба е направен од професорот Костадин Танчев – Динка, познат графичар, графички дизајнер и сликар. Осврт на творештвото на Анита Огњановска ќе направи професорот Владимир Мартиновски – истакнат поет, есеист и книжевен преведувач. Дополнително, поетесата Ана Бунтеска напиша песна насловена „Во спокој“, инспирирана од сликите кои ќе бидат дел од оваа изложба, и истата ќе биде претставена на отворањето.
-Огњановска ги претставува своите дела како метафори за животот – навидум едноставен, но исполнет со слоеви комплексни емоции и искуства. Нејзините апстрактни композиции ја истражуваат интеракцијата помеѓу бојата и текстурата, создавајќи хармонија која ги повикува гледачите да откријат скриени значења под површината. Текстурите ја симболизираат слоевитоста на времето и искуствата, додека хоризонтите се прикажани како симбол на надеж и бесконечни можности. Огњановска вели дека нејзините дела содржат елементи на охрабрување – потсетници дека под хаосот постои ред, а под немирот – спокој. Во нив таа ги истражува љубовта и страста како движечки сили на креативноста, но и теми како надминување лични стравови и пронаоѓање внатрешна храброст, велат од КИЦ. мч/ев/
фото: КИЦ - Скопје