• среда, 27 ноември 2024

Националното собрание на „Обнова на ДП“, Бериша го реизбра за лидер

Националното собрание на „Обнова на ДП“, Бериша го реизбра за лидер

Тирана, 2 декември 2023 (МИА) – На денешното Национално Собрание на Движењето „Обнова на ДП“ на побројното крило на албанската опозициска Демократска партија, за лидер е реизбран Сали Бериша, поранешен премиер и претседател на Албанија.

Според Иви Косо, од изборната комисија, Бериша добил 938 гласови од 993 важечки гласачки ливчиња од вкупно илјада делегати.

-Ќе победиме бидејќи сме во спасувачка мисија на Албанија. Ќе победиме бидејќи нашата кауза е праведна, рече меѓу другото Бериша заблагодарувајќи се на довербата.

Во Конгресната палата, каде се одржа Собранието Бериша беше придружуван од сопругата Лири и нивната ќерка Аргита Малтези, која најави дека влегува во политиката обвинувајќи дека „земјата е во опасност да влезе во диктатура“.

На овој собир беше изгласана и Резолуција, во која посебен акцент се става на значењето од обединување во единствен опозициски блок „подготвен да ги преземе сите предизвици на времето за да се соочи во битката со автократскиот режим на актуелната нарко-држава“.

Бериша беше лидер на ДП се до 2013 година, кога се повлече, откако демократите изгубија на парламентарните избори.

Прогласен беше за историски лидер, се до пред две години кога почнаа несогласувањата со Љуљзим Баша, откако Бериша беше прогласен за непожелен во САД.

Од тогаш партијата минува низ најдлабоката криза до сега. Членовите се поделени во три крила она на Бериша, потоа на Баша, кој според судот е легитимен лидер на партијата и на Газменд Барди, кој околу ставовите е поблизок со Бериша, но не го удостои со присуство на денешното Собрание. вт/

Фото: Фејсбук страница на Бериша

 

Остани поврзан