• сабота, 23 ноември 2024

Национален парк Шар Планина: Наносите се блага опомена од природата дека се потребни промени

Национален парк Шар Планина: Наносите се блага опомена од природата дека се потребни промени

Тетово, 6 јули 2023 (МИА) - Од Јавната установа Национален парк Шар Планина во денешното соопштение до јавноста посочуваат дека наносите од кал, земја и камења кои вчера од Шара се спуштија во Теарце се само блага опомена дека недоволно ја разбираме сериозноста дека ни се неопходни промени. Велат дека според мапата за ризици од поплави во Полошкиот регион, специфичната геологија на теренот, наклонот и силните невремиња проследени со обилен дожд и ветер врнежи ги прават планинските села и урбаните делови во подножјето на Шар Планина меѓу најранливите во земјава.

- Шумските комплекси имаат значајна заштитна функција. Прекумерното и неодржливото искористување на шумите во минатото довело до големи површини од нискостеблени шуми и шуми со различни форми на деградација. Токму затоа, за секоја сеча на огревно дрво е потребна дозвола од Јавната установа Национален парк Шар Планина. Режимот на движење за моторните возила е исто така воспоставен за да се намалат илегалните активности, ерозивните процеси и загадувањето на водите, велат од НП Шар Планина.

Во изминатите месеци на територијата на Националниот Парк тие евидентираа скоро 800 градби вон населените места, а на територија на Општина Теарце 115 градби.

- Урбанизацијата ја нарушува рамнотежата на почвата, што доведува до ерозија, зголемување на истекувањето по дождот и доведува до поплавување. Непланската и несоодветна урбанизација доведува до зголемување на населението кое е изложено на поројни поплави. Дополнително, некои населени места се директно изложени на штети/опасности предизвикани од паѓање на карпи и лизгање на земјиштето. Голем дел од идентификуваните градби се исто така објектите на малите хидроелектрани. Сите тие се наоѓаат во поројните водотеци, а немањето соодветни пропусти, намалувањето на профилот и протокот на реките, влијание негативно врз текот на реката и претставуваат трајна опасност од излевање и поплавување. Токму затоа, Ј.У.Н.П Шар Планина, цврсто стои на своите ставови дека на територијата на Националниот Парк малите хидроелектрани не се добредојдени, посочуваат стручните лица од Националниот парк.

Од установата повикаа сите општини во Полошкиот регион, граѓани и други релевантни институции, да ги почитуваат законите за да сите бидат заштитени од катастрофи. ас/сст/

фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан