• четврток, 05 декември 2024

Научното списание на УКЛО-Битола „Хоризонти“ индексирано во библиотеката на Хаврвард

Научното списание на УКЛО-Битола „Хоризонти“ индексирано во библиотеката на Хаврвард

Битола, 11 ноември 2024 (МИА) - Меѓународното научно списание  „Хоризонти“ чиј издавач е Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, официјално е индексирано во престижниот систем на Библиотеката на Харвард (HOLLIS).

Вклучувањето на „Хоризонти“ во познатата библиотечна мрежа на Харвард е доказ за напорната работа и посветеноста на нашите автори, рецензенти и уредничкиот тим, но и признание за нашата постојана посветеност на академскиот квалитет и дисеминацијата на висококвалитетни истражувања, изјави за МИА, Горан Илиќ, проректор на УКЛО-Битола.

-Информацијата од Харвард и претстојната меѓународна научна конференција на тема „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“ се наш придонес за Меѓународниот ден на науката. Конференцијата се поврзува со потребата за актуелизација на научниот пристап кон 17-те глобални цели за одржлив развој, дефинирани во агендата 20-30 на Обединетите нации. Интернационалниот програмски комитет го сочинуваат четириесетина врвни научници од различни земји ширум светот, што дополнително го потврдува и зацврстува нејзиниот меѓународен карактер. Научните трудови презентирани на Конференцијата, ќе се објават во посебен Зборник, додека определен број селектирани трудови ќе се публикуваат во меѓународното научно списание „Хоризонти“ индексирано во повеќе релевантни академски бази на податоци, истакна проректорот за наука, Илиќ.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола поради својата активност во исполнувањето на целите за одржлив развој на Обединетите Нации претходно беше рангиран во првите 400 универзитети во светот на реномираната Times Higher Education Impact Rankings, како прв и единствен македонски универзитет.мт/са/

Фото: МИА

Остани поврзан