• среда, 25 декември 2024

Научен собир: Јован Павловски ја поставува македонската културна и национална историја

Научен собир: Јован Павловски ја поставува македонската културна и национална историја
Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) - Јован Павловски ја поставува македонската културна и национална историја како рамка без која не би можела да се склопи „рубиковата коцка“ на личниот и колективниот идентитет на Македонците. Во прозата на Павловски постојат имагинарни светови, во кои реалноста е јасно присутна и препознатлива, без оглед на тоа дали некое дело ќе биде доминантно модернистички прочитано или ќе биде напишано во некој доминантен пост модернистички манир. Ова беа дел од заклучоците на денешниот научен собир организиран од страна на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИМЛ), по повод 85 години од раѓањето и 65 години творечка дејност на писателот Јован Павловски. Претседателката на Организациониот одбор проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од ИМЛ во своето денешно обраќање на собирот посочи дека Павловски е еден од оние писатели кои знаат дека пишувањето роман секогаш е поврзано со раскажувањето на приказни, поточно со напната, драматична и емотивна приказна. -Во прозата на Јован Павловски постојат имагинарни светови, во кои реалноста е јасно присутна и препознатлива, без оглед на тоа дали некое дело ќе биде доминантно модернистички прочитано или ќе биде напишано во некој доминантен пост-модернистички манир. За да ја поткрепиме почетната констатација дека во романите на Јован Павловски јасно се препознава нашата реалност тука присутна, логично е да го поставиме прашањето какви светови креираат неговите романи? Тешкотијата тие да се сместат во одреден етички или жанровски конвенции го обликува одговорот на поставеното прашање. Во овој миг можеби најсоодветна одредница е дека станува збор за стварносна проза и таа одредница е дадена во кус предговор во 1998 година, во однос на романот „Проверка на слободата“, рече Георгиевска-Јаковлева. Таа останува на ставот дека романите на Павловски се лоцирани во време на жестоки, историски промени и дека се склоп од различни ликови и карактери. Малите детали во романите, како што рече, ја зголемуваат веродостојноста на прикажаното, сето она што се одлики на стварносна проза. Приказните, посочи, Павловски ги наоѓа во секојдневниот живот, во неговата околина, во луѓето што ги знае или би можел да ги знае, во настаните што се случиле или би можеле да се случат. -Оттука, користењето на терминот „ставрносна проза“ во поширока смисла на зборот, за неговите романи е сосема оправдан зотоа што основното поетичко пориште неговите романи го наоѓаат токму во испитувањето на односот и грижата за стварноста, додаде Георгиевска-Јаковлева. Во освртот на академикот Катица Ќулавкова од МАНУ се наведува дека Јован Павловски ја поставува македонската културна и национална историја како рамка без која не би можела да се склопи рубиковата коцка на личниот и колективниот идентитет на Македонците, на нивното време на постоени процвети, но и на нивното време на разнебитување. -И кога ќе заборавиме кои сме, ќе се навраќаме на песните кои како поетска тетоважа се впишани врз македонското тло, и се заведени во личната карта на вистинската Македонија, се наведува во освртот на Ќулавкова. Проф. д-р Гоце Смилевски кој на денешниот собир зборуваше за романот „Сок од простата“ на Павловски, рече дека токму овој роман беше дочекан како настан во македонската книжевност. -Денес, 31 година по неговото објавување, има пионерско значење за македонската литература бидејќи станува збор не само за прв еротски роман во македонската литература, туку тврдам и прв постмодернистички роман во вистинска смисла на зборот, во македонската литература. Денес, кога тој роман има отворено врати во изминативе години за романи со слични тематики и со иста стилска формација, она што останува е неговата висока книжевна вредност, додаде Смилевски. Напомена дека станува збор за дело кое портретира цела една генерација на луѓе кои влегуваат во едно доба или во дел од историјата во време на прекршување на општествениот систем, на падот на вредностите, низ изгубените идеали на еден систем кој веќе заминува и еден нов систем, кој уште не е роден. Станува збор за времето пред транзицијата. -Во „Сок од простата“ се препрелтува едно романесто искажување со дневничко искажување, и коментари на него и сето тоа е супер природно, не постои некаква разлика или неприроден премин меѓу нив, туку тие се врзани во едно живо ткиво, објасни Смилевски. Според проф. д-р Наташа Аврамовска, која даде свој осврт за романот „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, доминантните техники на залисното раскажувачко умеење го вбројуваат овој роман меѓу врвните остварувања на македонското раскажувачко умеење. -Станува збор за релативно кус роман, велемајсторски врвно избрусона проза, од двесте крупно испечатени страници, што се чита во еден здив и никогаш повеќе не се заборава. Рака на срце, при таквиот наеднаш-прочит, од светот на романот читателот ќе излезе помалку шашардисан и замајан, се уште дезориентиран и без здив во однос на просторно-временскиот лавиринт, лавиринтот на играта меѓу фракцијата и фикцијата, односите на сведоштвата, историчноста и драмската „сегашност“, бујните и драматични стории и ликови кои се мешаат до многу други што ги памети чаршијата во врволешницата ликови и времиња и нивни надоврзувања, посочи Аврамовска. Таа напомена дека растајнувањето на оваа „залисна магија“ на раскажување налага повторен, бавен прочит и читателско умеење што ужива во одложувањето на задоволството да се доватса крајот на приказната. Јован Павловски е македонски поет, раскажувач, романописец, енциклопедист, писател за нaјмладите, публицист, долгогодишен уредник на повеќе рубрики во Нова Македонија, нејзин дописник од Париз и Москва. За своите дела Јован Павловски е добитник на врвни награди, меѓу кои: „Климент Охридски“, Рациново признание, „Стале Попов“, Книжевно жезло за творечки опус, „Мито Хаџивасилев - Јасмин“, „Златна плакета на град Тетово, „19 Ноември“ на град Тетово, „13 Ноември“ на Град Скопје, „Крсте Мисирков“, „Духовен воин“ и „Златно перо“. Неговото творештво е преведено на повеќе од 20 јазици во светот. бт/аа/    

Остани поврзан