• четврток, 20 февруари 2025

НАТО објави конкурс за изработка на мурали на тема „Одржување на нашата заедничка иднина“ 

НАТО објави конкурс за изработка на мурали на тема „Одржување на нашата заедничка иднина“ 

Брисел, 17 февруари 2025 (МИА) - НАТО објави конкурс за изработка на мурали за одбележување на Самитот на Пактот што ќе се одржи во јуни во Хаг и за нагласување на „виталната улога на Алијансата во заштитата на една милијарда луѓе во Европа и Северна Америка“. 

- Дали сте млад уметник од земја членка на НАТО? Дали сакате да изработите мурал за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, Холандија, во јуни? Доставете го вашиот дизајн за да добиете единствена можност да ги покажете вашиот талент и креативност, се наведува во поканата за учество на конкурсот. 

Право за учество на конкурсот чија овогодишна тема е „Одржување на нашата заедничка иднина“, имаат само поединци државјанин на земја членка на НАТО на возраст до 35 години. Апликации на тимови нема да бидат прифатени.  

Апликантите треба да достават записи во 3Д техника за „оптичка илузија на тридимензионални впечатоци на дводимензионална хоризонтална површина“. 

Крајниот рок за аплицирање на конкурсот е 31 март 2025 година во 23.59 часот по средноевропско време.  

Сите поднесени апликации ќе бидат оценети од комисија составена од официјални претставници на НАТО и директорот на културниот центар „Хашка улична уметност“, Михел Корвер.  

Победникот на конкурсот заедно со локален уметник ќе може да го овековечи својот мурал на ѕид во Хаг. 

Ова е трет конкурс на НАТО за изработка на мурал. Првиот мурал беше изработен за Самитот на НАТО во Вилнус во 2023 година и беше откриен во јануари 2024 година, а вториот по повод ланската средба на врвот во Вашингтон, со која беше одбележана 75-годишнината од формирањето на Пактот. сп/ 

Фото: НАТО 

Остани поврзан