• понеделник, 23 декември 2024

Народната банка ‒ домаќин на работилница за зајакнување на капацитетите на ЕСГ, основа на одржливото работење и општествената одговорност

Народната банка ‒ домаќин на работилница за зајакнување на капацитетите на ЕСГ, основа на одржливото работење и општествената одговорност

Скопје, 12 ноември 2024

Народната банка презема одлучни чекори кон градењето поодржлив систем и оттука, централната банка беше домаќин на работилница за унапредување на капацитетите поврзани со еколошките, социјалните и управувачките остварувања (ЕСГ). Настанот којшто беше организиран под покровителство на „Инвестицискиот фонд за зелен раст“, во соработка со експерти од „Ернст и Јанг“, имаше за цел да ги зајакне капацитетите на централната банка со знаење и алатки за одржливи практики, во согласност со меѓународните стандарди и регулативи.

На работилницата беа разработени теми поврзани со Политиките за одржливост на централните банки, како и одредени оперативни аспекти поврзани со управувањето со емисиите на стакленички гасови. Во рамките на овие теми беше разгледана Предлог-политиката за одржливост на Народната банка, вклучувајќи ги и активностите за оперативна ефикасност, клучните показатели за успешноста (КПИ), како и целите за одржливост со акцент на транспарентноста. Исто така, беа обработени и стандардите и методологиите за пресметка на емисиите на стакленичките гасови, стратегиите за декарбонизација и техниките за поставување цели.

Преку оваа работилница, Народната банка цели кон зајакнување на принципите на одржливост, коишто ги опфаќаат еколошкиот интегритет, социјалната еднаквост и економскиот напредок, осигурувајќи се дека одржливите практики се спроведуваат и стратегиски, и оперативно. Со носењето на Среднорочниот план на активностите на Народната банка во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 – 2025 година се дефинираа активностите на Народната банка за активно управување со ризиците од климатските промени и институционално профилирање како одржлива и општествено одговорна институција, додека една од активностите предвидени за спроведување на Среднорочниот план е изработката на Политиката за одржливост  на Народната банка заради преземање активности за одржливо работење и градење на капацитетите на вработените во Народната банка во однос на овие прашања.

„Инвестицискиот фонд за зелен раст“ е влијателен инвестициски фонд којшто ги ублажува климатските промени и промовира одржлив економски раст, пред сè преку инвестирање во мерки со коишто се намалуваат потрошувачката на енергија, употребата на ресурси и емисиите на CO2. Фондот го насочува ова наменето финансирање кон деловните претпријатија и домаќинствата преку локални финансиски институции и преку директни инвестиции кон подобни проекти и компании. Наменскиот фонд за техничка помош обезбедува знаења и техничка експертиза за да се осигура дека овие инвестиции се успешно спроведени и со високи меѓународни стандарди. Фондот работи на 19 пазари низ Југоисточна Европа, вклучувајќи ги и Турција, Европскиот источен соседски регион и Блискиот Исток и Северна Африка.

Срдечно,

Кабинет на гувернерот - Односи со јавноста

Народна банка на Република Северна Македонија

Фото: Народна банка на Република Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан