• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
4 февруари 2022 (МИА)   211.- Умрел римскиот цар Лук Септими Север Пертинакс, основач на династијата Север, кој ја ограничил власта на Сенатот, а наместо него „царскиот совет“ почнал да ги донесува законите. 1746.- Роден е полскиот национален јунак Тадеуш Анжеј Бонавентура Кошчушко, американски генерал и учесник во Американската војна за независност и аѓутант на Џорџ Вашингтон, подоцна првиот претседател на САД. По враќањето во Полска се кренал на востание против Русите, но неговата војска била поразена во октомври 1794 година, во битката кај Мацјејовиц, при што бил ранет и заробен. На слобода бил пуштен во 1796 година, под услов да се откаже од акциите против Русија, по што во 1917 побегнал во Швајцарија каде и умрел. 1783.- Велика Британија во Париз го потпишала договорот за признавање на САД, со што била завршена осумгодишната Британско-американска војна, позната како Американска војна за независност. 1789.- За прв претседател на САД бил избран Џорџ Вашингтон. Бил американски претседател осум години, но се повлекол од функцијата во 1797 година и одбил по трет пат да се кандидира за шеф на државата. 1815.- Во Осиек е роден Јосип Јурај Штросмаер, бискуп, политичар, културен деец, основач и покровител на Југословенската академија на науките и уметностите (ЈАЗУ) во Загреб, во 1866 година, втемелувач на хрватскиот универзитет. Се стремел кон обединување на Јужните Словени во рамките на Австрија. Во 1861 година со негова помош, во Загреб бил објавен Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци. Умрел во Ѓаково, на 8 април 1905 година. 1872.- Во Кукуш, Егејска Македонија, е роден Гоце Делчев, прв меѓу првите револуционерни синови на македонскиот народ. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил цела Македонија. Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. Така, на 4 мај 1903 година, во борба против османлиската војска во селото Баница, Серско, во егејскиот дел на Македонија, загинал великанот Гоце Делчев. 1889.- Роден е германскиот политичар и економист Лудвиг Ерхард, западногермански канцелар од 1963 до 1966 година, главен архитект на стопанската обнова по поразот на Западна Германија во Втората светска војна. 1897.- На Филипините избила буната против САД, кои одбија да и дадат независност на оваа поранешна шпанска колонија. Филипините својата независност ја стекнаа дури во 1946 година. 1900.- Роден е францускиот писател Жак Превер. Напишал повеќе поетски сценарија за филмовите „Брегот во магла“, „Хотел Север“, „Денот се раѓа“ и „Вратата на ноќта“. Најпознати збирки песни: „Зборови“, „Голем пролетен бал“ и „Дождот и убавото време“. 1902.- Роден е американскиот пилот Чарлс Огастас Линдберг кој прв го прелетал Атлантскиот океан. Со авионот „Дух Сент Луис“ во мај 1927 година за 33 часа и 32 минути прелетал 5.856 километри од Њујорк до Париз, што претставувало вистински подвиг бидејќи тогаш немало ниту радари ниту сигурни радио-врски. 1904.- Јапонската воена морнарица го блокирала руското пристаниште Порт Артур, што било вовед во Руско-јапонската војна, која четири дена подоцна Јапонија ја започнала без објава. 1938.- Подготвувајќи се за војна, Адолф Хитлер го презел ресорот министер за војна на нацистичка Германија, а за шеф на дипломатијата го назначил Јоахим фон Рибентроп. 1945.- Во Јалта, на Кримскиот Полуостров, почнала Јалтската конференција меѓу шефовите на СССР - Јосиф Сталин, на САД - Франклин Рузвелт и на Велика Британија - Винстон Черчил за усогласување на завршните операции во Втората светска војна, како и за односите со Европа и со светот по завршувањето на војната. 1948.- Цејлон (Шри Ланка) доби самоуправа во рамките на Британскиот комонвелт. 1974.- Гренада прогласилa независност во рамките на Британскиот комонвелт. 1976.- Во Гватемала во земјотрес загинале 23.000 луѓе, а милион ипол останаа без покрив над главата. 1988.- Во Скопје умрел Димитар Бојаџиев - Митко, прв македонски стенодактилограф. Тој бил стенодактилограф и во првата редакција на Танјуг за Македонија - ТАМ во Скопје, работел како стенодактилограф во Радио Скопје и во „Нова Македонија“. Роден бил во 1918 година. 1989.- Во вооружен бунт бил соборен диктаторот на Парагвај Алфредо Стреснер, кој владеел 35 години, најдолго од кој било друг во јужноамериканските држави во 20. век. 1989.- Рускиот историчар Рој Медведев проценил дека за време на Сталиновото владеење во Советскиот Сојуз биле уапсени, убиени или на друг начин репресирани 40 милиони луѓе. 1990.- Во напад од заседа на автобус со израелски туристи, исламски терористи во Египет убиле девет туристи и двајца египетски полицајци, а раниле и 20 луѓе. 1990.- Во Скопје било основано Движењето за семакедонската акција (МААК). За претседател бил избран писателот Гане Тодоровски. 1992.- Лојалните трупи на претседателот на Венецуела Карлос Андрес Перес го задушиле обидот за воен удар. 1993.- Во Москва умрел Димче Толовски, истакнат литературен преведувач и голем афирматор на македонската литература во Русија и во земјите на поранешниот Советски Сојуз. Роден бил во Кавадарци, на 17 декември 1925 година. 1993.- Во Скопје, во издание на НИП „Ѓурѓа“ - Независни изданија, излегол првиот број на списанието „Ворлд прес ИЗБОР“. 1994.- Во Собранието на Република Македонија бил конституиран Републичкиот судски совет. 1994.- Државниот секретар за соработка и развој, Ерик Дерике, во белгискиот Сенат изјавил дека белгиската Влада донела одлука за воспоставување на дипломатски односи со Република Македонија. 1998.- Во земјотресот кој ја погоди областа Рустак во северната авганистанска провинција Тахар загинале најмалку 4.500 луѓе. 2005.- Италијанската новинарка Џулијана Згрена, дописничка на италијанскиот дневен весник „Ил Манифесто“, била киднапирана во центарот на Багдад. Ја ослободиле на 3 март, а на 4 март, на патот до аеродромот, во автомобилот во кој таа се наоѓала било пукано од американска патрола. Згрена била ранета, а италијанскиот агент на тајната служба Никола Калипари, штитејќи ја, бил убиен. 2005.- Јулија Тимошенко, активист на „портокаловата револуција“, станала прва жена претседател на влада на Украина. 2006.- Умрела Бети Фридан, која со својата книга „Женска мистика“ ги поставила темелите на модерното феминистичко движење. Ја основала Националната организација за жени, а умрела на својот роденден, на 85 години. 2013.- Почина Љубе Цветановски, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, долгогодишен уредник и директор во Македонската телевизија. Бил уредник на рубриката за култура на Студентски збор, новинар во Македонското радио, како и долгогодишен уредник, а во еден мандат и директор на Македонската телевизија. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на новинарите на Македонија. Автор е на книгите поезија „Време е да се биде дома”, „Наталожен сомнеж” и „Престапна година”. Заедно со својот брат Јордан Плевнеш, коавтор е на сценариото за играниот филм „Тајната книга”, во режија починатиот нивни најмал брат Владо Цветановски. Во неговата богата телевизиска кариера реализирал педесетина патеписи, од исто толку егзотични земји под наслов „Патуваме - сонуваме”. Потписник е на многу сценарија за документарни и музичко-документарни емисии, а се јавува и како автор на десетина играно-документарни филмови. За документарниот филм „Мојот татко Изет”, ја освоил наградата Гранд при на Југословенскиот телевизиски фестивал во Неум. Во 2012 ја објавил последната книга - „Детето во мене”, во која се сублимирани неговото творештво и неговата животна одисеја. Љубе Цветановски бил роден во Слоештица во 1949 година. 2013.- Избувнал пожар во манастирскиот комплекс од 13 век – „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, кој се наоѓа на десетина километри од Прилеп. Се верува дека е изграден во 12-ти, односно 13 век. Неговата разновидна архитектура укажува на разни обновувања и уривања. Во манастирската црква се зачувани значајни византиски фрески. Манастирот е најпосетуван за празникот Голема Богородица - 28 август. 2015.- На 87-годишна возраст починал македонскиот ликовен уметник Трајче Јанчевски. Средно уметничко училиште завршил во Скопје кај професорите Никола Мартиновски и Лазар Личеноски, а Академија за применета уметност во Белград. За своите врвни уметнички остварувања е добитник на бројни национални и интернационални награди, меѓу кои - „11 Ноември“ на град Куманово, „11 Октомври“ за животно дело на Република Македонија и наградата на ДЛУМ „Нерешки мајстори“, наградата на фондацијата „Моша Пијаде“, на престижниот „Златен медал“ за француска заслуга и посветеност во име на уметноста и културата од Академијата за ликовна уметност и култура за централна Европа во Париз и на престижната награда „Златен медал“ од Американскиот биографски институт за „возвишени индивидуи“ од целиот свет. Јанчевски бил роден на 29 јануари 1928 година во Куманово.   ###

Остани поврзан