• вторник, 17 декември 2024
На денешен ден
21 септември 2021 (МИА)   - Денеска е Светски ден на мирот 19 п.н.е.- Умре римскиот писател Публиус Вергилиус Маро, автор на дела во кои го велича римското минато. Тој со своите дела со векови беше пример за европските писатели. 1327.- Англискиот крал Едвард II, сопругот на Изабела од Франција е убиен од нејзиниот љубовник Роџер де Мортиме. Љубовникот на кралицата потоа владееше во името на престолонаследникот Едвард III кој во 1330 година беше затворен и убиен. 1452.- Роден е италијанскиот верски реформатор Џироламо Хајронимус, доминикански калуѓер, кој го напаѓаше папата Александар VI. 1529.- Османлиската војска под команда на Сулејман Величествениот ја започна опсадата на Виена. 1792.- Во Франција на првата седница на Парламентот (Конвент), на предлог на Колот Д`Ербуа, е тргната монархијата. 1832.- Во Даблин умре Валтер Скот, шкотски поет и романсиер, творец на модерниот историски роман. Собираше народни песни и пишуваше епови за историјата на Шкотска. Меѓу неговите најзначајни дела спаѓаат „Ајванхо“, „Кенилворт“, „Старинар“ и други. Роден е во Единбург, на 15 август 1771 година. 1860.- Умре Артур Шопенхауер, германски филозоф-идеалист, претставник на волунтаризмот. Од делата му се познати „За волјата на природата“ и „Светот како волја и претстава“. Роден е на 22 февруари 1788 година. 1866.- Роден е Херберт Џорџ Велс, англиски писател. Напиша голем број научни, популарно-научни, социјални и фантастични романи и приказни, како и познатото дело „Историја на светот“. Умре во 1946 година. 1867.- Роден е американскиот политичар Хенри Луис Стимсон, министер за војни на САД, од 1911 до 1913 година и од 1940 до 1945 година, идеен творец на најголемиот воен злостор во историјата на човештвото. На неговата препорака претседателот на САД Хари Труман одлучи во август во 1945 година да ги фрли атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки, иако Јапонија беше веќе поразена во Втората светска војна. 1901.- Во Велес, во Џајково Маало, во борба против турската полиција, откако снема муниција, се самоуби Миле Поп Јорданов (брат на Орце Поп Јорданов, организатор на кружокот од Солунските атентатори) македонски револуционер. 1909.- Роден е ганскиот државник и публицист Кваме Нкрумах, прв премиер и претседател на Гана, истакнат борец против колонијализмот и лидер на движењето за независност. 1927.- Во Дојран е роден Христо Андонов-Полјански, македонски историчар, ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, долгогодишен професор на катедрата по историја на Филозофско-историскиот факултет, признат научник, проучувач на историјата на македонскиот народ. Автор е на 463 библиографски единици, од кои 36 се книги. Од неговите трудови посебно се издвојуваат шесте томови за Гоце Делчев. „Британската библиографија за Македонија“, „Странскиот печат за Илинденското востание“, „Британски документи за историјата на македонскиот народ“ и други. Умре во Скопје, на 7 октомври 1985 година. 1928.- Британскиот бактериолог Александар Флеминг ја откри непознатата мувла што го расипала неговиот експеримент со бактерии. Но, тоа загадување беше епохално откритие дека чудесното својство на габите „пеницилиум нотарум“ ги уништува дотогаш смртоносните бактерии. Од 1942 година пеницилиумот стана лек што спасува милиони луѓе. 1933.- Во Лајпциг, германскиот Врховен суд го почна процесот против Георги Димитров, член на ЦК КП на Бугарија и член на Третата интернационала, заедно со група германски комунисти, а под пропаганда сакаше да го искористи судењето за антикомунистичка кампања. Меѓутоа, Димитров пред светската јавност го разобличи овој процес на нацистичкиот режим и од обвинет стана тужител и поради недостиг на докази судот беше принуден да го ослободи. 1938.- Владата на Чехословачка се согласи на британско-францускиот план Судетските области да и ги отстапи на Германија. 1939.- Романските фашисти го убија премиерот на Романија Армандо Калинеску, противник на Третиот рајх. 1964.- Малта стана независна после 164 години британско владеење. 1973.- Југославија ги прекина дипломатските односи со Чиле, 10 дена по пучот на генералот Аугусто Пиноче, изведен со помош на САД, во кој е убиен социјалистичкиот претседател Салвадор Ајенде. 1974.- Умре американскиот филмски глумец Волтер Бренан. Тој е првиот актер добитник на три Оскара. 1976.- Бившиот чилеански министер Орландо Летелиер е убиен во Вашингтон во експлозија на подметната бомба под неговиот автомобил. 1992.- Мексико и Ватикан воспоставија целосни дипломатски односи по прекинот од 130 години. 1993.- Претседателот Борис Елцин го распушти парламентот бидејќи со изборот на Александар Руцкој за потпретседател и за вршител на должноста шеф на државата му беше загрозена власта. 1996.- Во авионот на претседателот на Колумбија Енерсто Самперо, со кој требаше да патува за САД, на аеродромот во Богота по анонимната пријава се пронајдени безмалку четири килограми хероин за што беше осомничен дека бил во врска со нарко-мафијата. 1999.- На Тајван во земјотрес загинаа најмалку 2.300 лица. 2002.- Лавина од кал и камења која се излеа од глечер во село Њижњи во руската република Северна Осетија усмрти повеќе од 100 луѓе. 2007.- Умре Петар Стамболиќ, долгогодишен функционер во времето на Јосип Броз Тито. Стамболиќ е роден во 1912 година во Брезово, кај Ивањица, а на комунистичкото движење му пристапи во 1935 година. Дипломираше на Земјоделскиот факултет во Земун. Беше советник и член на Претседателството на Второто заседание на АВНОЈ, како и член на Претседателството на СФРЈ и Претседателството на ЦК на Сојузот на комунистите, како и претседател на Претседателството на СФРЈ. 2017.- На 94 години почина Лилијан Бетанкур, наследничката на француската козметичка групација „Л’Ореал“ (L’Oreal). Таа на 21 октомври требаше да наполни 95 години. Бетанкур според „Форбс“ беше најбогата жена во светот, чие богатство се проценуваше на приближно 40 милијарди долари. Таа поради Алцхајмеровата болест во 2012 година се повлече од управата на „Л’Ореал“ и од јавниот живот. ###

Остани поврзан