• вторник, 24 декември 2024
На денешен ден
8 февруари 2022 (МИА)   427 г.п.н.е.- Роден е Платон, голем старогрчки филозоф, ученик на Сократ и учител на Аристотел, основач на филозофската школа во Атина која, според местото на кое што се наоѓала, била наречена Академија. Главно влијание врз Платон извршил Сократ на кој му ги посветил речиси сите свои дела - дијалози, главно компонирајќи ги како Сократови разговори со личности познати во Атина во тоа време. Овие дела се зачувани во целост - вкупно 35 дијалошки расправи и 13 писма. Главни негови дела: "Држава", "Гозба", "Федон", "Софист" и други. Умрел во 347 година пред н.е. 1676.- Умрел рускиот цар Алексеј Михајлович Романов, татко на Петар Велики. На власт дошол во 1645 година. Тој ја зацврстил централната власт, ги припоил источните делови на Сибир и ја развил трговијата со Кина, Персија и со европските земји. 1725.- Во Санкт Петерсбург умре Петар Велики, цар на Русија. Бил коренит реформатор на рускиот социјален, економски и општествен живот. Се истакнал како војсководец на копно и на море. Бил вешт политичар и дипломат. Основал многу училишта, Академијата на науките, а престолнината ја преселил во новоизградениот Петербург, односно Петроград. 1805.- Роден е англискиот писател и критичар Џон Раскин, кој сметал дека уметноста зависи од општествените прилики, како и тоа дека само здрав народ може да создава големи уметнички дела, бидејќи тоа би требало да биде израз на силите на целиот народ а не привилегија на поединец. Дела: „Модерни сликари“, „Две патеки“,„До последниот“, „Мунера Пулверис“. 1828.- Во Париз е роден Жил Верн, француски писател. Неговата фантазија ја окупирале научните откритија, далечните земји, храбрите пловидби, истражувачките подвизи и непознатото. Во своите дела, кои во тоа време наликувале на чиста утопија, тој предвидел многу работи што современата наука успеа да ги оствари дури во наше време. Создал нов жанр на проза и се здобил со милиони читатели. Негови најпознати дела се "Дваесет илјади милји под морето", "Децата на капетанот Гранд", "Пат околу светот за 80 дена", "Пат на Месечината", "Патувањето во центарот на Земјата" и други. Умрел во Амиен, на 24 март 1905 година. 1861.- Алабама, Флорида, Луизијана, Мисисипи и Тексас се одвоија од САД и формираа Конфедерација на јужните американски држави. На Конфедерацијата подоцна и се приклучиле Арканзас, Северна Каролина, Вирџинија и Тенеси. Поделбата на САД довела до граѓанска војна (1861-1865), која завршила со капитулација на јужните држави. 1878.- Роден е еврејскиот писател и филозоф Мартин Бубер. Напишал повеќе значајни дела за историјата на еврејската култура. Со Франц Розенцвајг на современ германски јазик го превел „Стариот завет“. Пред нацизмот во 1938 година побегнал од родната Австрија во Палестина и станал еден од првите професори на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. Се залагал за заедничка еврејско-арапска држава. Дела: „Јас и ти“, „Хасидски приказни“, „Гог и Магог“, „Слики за добро и лошо“, „Мојсеј“, „Средби“. 1894.- Роден е американскиот филмски режисер Кинг Волис Видор. Филмови: „Алелуја“, „Голема парада“, „Лебот наш насушен“, „Цитадела“, „Двобој на сонце“, „Војна и мир“. 1920.- Родена е американската филмска актерка Џулија Џин Милдред Френсис Тарнер, позната како Лана Тарнер, една од најголемите холивудски ѕвезди во педесеттите години на 20. век. Филмови: „Тие не сакаат да заборават“, „Поштарот секогаш ѕвони двапати“, „Кас Тимберлан“, „Градчето Пејтон“, „Имитација на животот“, „Љубовта има многу лица“, „Монсуски дождови“. 1924.- Гасната комора првпат била употребена за извршување смртна казна во американската држава Невада. 1925.- Роден е американскиот филмски актер Џон Улер Лемон Трети, познат како Џек Лемон. Филмови: „Мистер Робертс“ (Оскар), „Некои тоа го сакаат жешко“, „Апартман“, „Спасете го тигарот“ (Оскар), „Насловна страница“, „Киндески синдром“. 1931.- Роден е американскиот филмски актер Џејмс Бајрон, познат како Џејмс Дин, симбол на вознемирената и побунета младост по Втората светска војна. Џемс Дин (24) трагично го загубилживотот во 1955 година. Филмови: „Источно од рајот“, „Бунтовник без причина“, „Див“. 1935.- Умрел германскиот сликар и графичар Макс Либерман, најзначаен претставник на германскиот импресионизам. 1975.- Советски и американски космонаути почнале заеднички подготовки за летовите „Сојуз-Аполо“. 1984.- Во Сараево биле отворени 14. зимски Олимписки игри, први во тогашната СФРЈ, на кои учествувале спортисти од 49 држави. 1996.- Република Аргентина ја признала Република Македонија. 1998.- Во Њујорк умрел Ото Ташковиќ, македонски и светски признат архитект. Роден бил во Скопје, во 1933 година. 1999.- Република Македонија и Република Кина Тајван воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 2004.- Принцот Чарлс допатувал во Иран, како прв член на британското кралско семејство кој ја посетил оваа земја од исламската револуција во 1979 година. 2005.- Грчкиот Парламент го избрал поранешниот министер за надворешни работи Каролос Папуљас за нов претседател на Грција. Папуљас бил член на Сегрчкото социјалистичко движење (ПАСОК). 2012.- Во Велика Британија на 110-годишна возраст починал последниот познат ветеран од Првата светска војна, Флоренс Грин, две недели пред да наполни 111 години. По неговата смрт Флоренс Грин бил прогласена за последен жив ветеран од Првата светска војна. 2015.- Починал познатиот новинар и радио-водител Стојан Тренчевски, основач и претседател на Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.Меѓу другото, публицистички го следел ликот и делото на Мајка Тереза, соработувал со познатата поп ѕвезда Тоше Проески, а оставил печат по преносот што на Македонско радио го извршил на денот на осамостојувањето на Македонија. Напишал 20-тина книги, од кои најпознати му се „Нашата мајка“, „Скопјанката Мајка Тереза“, „По патиштата од детството на Мајка Тереза“.   ###

Остани поврзан