• вторник, 24 декември 2024
На денешен ден
7 мај 2022 (МИА)   - Денеска е Ден на македонската полиција. 1755.- На иницијатива на големиот руски научник Михаил Василевич Ломоносов бил отворен Московскиот универзитет, кој првобитно имал само филозофски, правен и медицински факултет. Универзитетот набргу станал центар на руската наука. 1833.- Во лутеранско семејство се родил Јоханес Брамс. Семејството на Брамс било бедно, така што младиот композитор и музичар свирел по гостилниците. Преку концертните турнеи тој посетил многу германски градови, како и многу градови надвор од Германија. Станал ученик на Роберт Шуман и верен пријател на неговото семејство. Немајќи работа во Хамбург, Брамс се преселил во Виена, каде починал на 3 април 1897 година. Брамс компонирал симфонии, оркестарски серенади, клавирски сонати и соло песни. Најпозната симфониска творба му е „Германски реквием“. Од неговите концерти се издвојува Концертот за виолина и оркестар, опус 77, а од клавирските творби - „Унгарскиот танц“. 1838.- Францускиот сликар Луј Дагер го открил методот на механичко сликање, односно ја пронашле фотографијата. 1840.- Во Камско-Воткинск е роден Петар Илич Чајковски, најистакнат руски композитор и еден од најголемите симфоничари на 19 век. Негови најпознати дела се оперите „Евгениј Онегин“ и „Пиковата дама“, балетите „Лебедово езеро“ и „Заспаната убавица“. Умрел во Петроград, на 6 ноември 1893 година. 1861.- Во Калкута е роден Рабиндранат Тагоре, индиски поет и филозоф. Меѓу неговите најпознати дела се збирките песни „Градинарот“ и „Гитанџали“, романите „Дом и свет“ и „Бродолом“, драмите „Сударшана“ и „Водопад“ и публицистичкиот труд „Национализам“. За својата литературна работа во 1913 година ја добил Нобеловата награда. Умрел во Калкута, на 7 август 1941 година. 1901.- Роден е американскиот филмски актер Френк Џејмс Купер, познат како Гари Купер, еден од најомилените актери во историјата на Холивуд. Тој снимил 84 филмови од кои во светската филмска антологија остануваат засекогаш - „Законот на Дивиот Запад“, „Точно на пладне“, „Вера Круз“, „Љубов попладне“ и други. 1929.- За првпат била востановена наградата „Оскар“ што секоја година ја доделува Академијата за филмска уметност и наука во Холивуд, САД, за најдобар американски филм, за најдобра машка и женска улога, за режија, сценарио и други остварувања во филмската уметност. 1939.- Германија и Италија склучиле пакт, познат како „Оска Берлин – Рим“. 1954.- Француските колонијални сили потпишале капитулација со што завршила познатата битка кај Диен Биен Фу. Во битката ослободителните сили на Виетнам под команда на генерал Џап извојувале победа над француските колонијалисти. 1971.- Во Охрид (од 7 до 31 мај) се одржал Првиот меѓузонски турнир за светска првенка во шах. Учествувале Нана Александрија (СССР), Татјана Затуловскаја (СССР) и Милунка Лазаревиќ (СФРЈ) кои заедно со поранешната претендентка Ала Кумнир (СССР), требало да ја одредат новата предизвикувачка на актуелниот шампион Нона Гаприндашвили (ССССР). Најуспешна меѓу нив била Александрија. Тоа е најсилниот турнир на шахистки дотогаш одржан во Македонија за кој претседателот на ФИДЕ Макс Еве, оддавајќи признание за одличната организација, изјавил дека македонските шаховски работници и ентузијасти го оправдале високото реноме што оваа земја го има во светот. Во наредната година во Скопје се одржала и женската шаховска олимпијада. 1991.- Во Москва умрел Васил Икономов, македонски писател и преведувач. Тој бил еден од основачите и првите уредници на Книгоиздателството „Мисла“ во Скопје, член на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на писателите на СССР. Автор е на стихозбирките „Жерави во пламен“, „Разделбата на крвта со огнот“, „Мртвите пешачат боси“ и „Кон една генеза. Роден бил во Скопје, во 1945 година. 1993.- Со одлука на Владата на Република Македонија од 20 април 1993 година, 7 Мај бил востановен како Ден на македонската полиција, а во чест на истиот ден во 1903 година кога на Смилевскиот конгрес на ТМОРО била извршена реорганизација на власта и безбедноста. 1995.- Кандидатот на конзервативците, градоначалникот на Париз, Жак Ширак, победил на претседателските избори во Франција. 2002.- Во напад на исламски терорист-самоубиец во еден клуб јужно од Тел Авив загинале најмалку 15 лица. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација Хамас.   ###

Остани поврзан