• понеделник, 23 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
7 јули 2020 (МИА) 1533.- Во Ферари умрел Лодовико Ариосто, прославен италијански епски поет, чиј витешки еп „Бесниот Роналдо“ станал блескав поетски израз на духот на уметничките и на модерните тенденции на италијанската ренесанса.  Пишувал и лирски песни, комедии и сатири. Роден бил на 8 септември 1474 година. 1854.- Умре германскиот физичар Георг Симон Ом, кој го открил односот на струјата на електромоторните сили и отпорот во електирчното коло, наречен по него Омов закон. Единицата за мрење на електричниот отпор во меѓународниот систем на мерки во негова чест е наречена Оm. 1860.- Во Калиш, во Чешка, е роден Густав Малер, австриски композитор. Бил директор на Државната опера во Виена. Дела: десет симфонии, циклуси соло песни за глас и оркестар „Песна за земјата“, „Песна за момчето-патник“, „Песна за мртвите деца“. Умрел во Виена, на 18 мај 1911 година. 1887.- Во Витебск, во Русија, е роден Марк Шагал, еден од најоргиналните европски сликари. Создал фантастични композиции од животот на Евреите и на руските селани. Се занимавал со графика и сценографија. Умрел во Ница, во Франција, на 28 март 1985 година. 1893.- Во Загреб е роден Мирослав Крлежа, хрватски писател, еден од најзначајните личности на културно-книжевните случувања во периодот по Првата светска војна. Неговиот книжевен опус опфаќа поезија, критики, полемики, драми, есеи, студии, романи и друго. Најзначајни негови дела се „Хрватскиот бог Марс“, „На работ од умот“, „Господа Глембаеви“, „Во агонија“ и други. Умрел во Загреб, на 29 декември 1981 година. 1898.- САД ги анектирале Хавајските Острови. Во прво време Хаваи имале статус на колонија, а во 1959 година станале педесетта сојузна држава во САД. 1899.- Во Њујорк е роден Џорџ Кјукор, познат американски режисер. Автор бил на многубројни филмови кои влегле во антологијата на светската кинематографија, меѓу кои најпознати се „Вчера во осум“, „Плинска светлина“, „Ѕвездата е родена“ и други. Умрел во Лос Анџелес, на 24 јануари 1983 година. 1911.- Роден е италијанскиот композитор Џан Карло Меноти, Дела: оперите „Конзул“, „Медиум“, „Амелија на бал“, радио-операта „Девојка и арамија“, „Телефон“, балетот „Себастијан“. 1921.- Во селото Брусник, Битолско, е роден Васко Карангелески, народен херој на Македонија. Загинал во несреќен случај, на 3 февруари 1977 година. 1930.- Умре англискиот писател Артур Конан Дојл, лекар по професија, кој се прославил со криминалистичките романи и раскази во кои главните јунаци се измислениот детектив Шерлок Холмс и неговиот пријател д-р Вотсон. Дела: романите „Гримизна студија“, „Спомените на Шерлок Холмс“, „Баскервилски пес“, „Белиот одред“, „Изгубен свет“, „Големата бурска војна“, историската студија „Историја на британскиот поход во Франција и Фландрија“. 1937.- Јапонската армија го нападнала кинескиот гарнизон кај Лучиоа, во близина на Пекинг. Кинеските сили се спротивставиле, па Јапонија тоа го искористила како повод за агресија врз Кина. Кинеско-јапонската војна траела се до капитулацијата на Јапонија во септември 1945 година. 1978.- Соломонските острови во југозападниот дел на Тихиот Океан се стекнале со независност и влегле во Британскиот комонвелт по 85 години британска колонијална управа. 1992.- Со 91 глас „против“, 7 „воздржани“ и 2 гласа „за“, пратениците на Собранието на Република Македонија не и изгласале доверба на Владата на Република Македонија. Првпат во историјата на Македонија „паднала“ влада. 1995.- Поранешниот шеф на италијанската дипломатија Џани де Микелис бил осуден на четири години затвор поради корупција. 2005.- Во серија експлозии кои го потресле лондонското метро и разнесле еден градски автобус загинале 52, а биле повредени околу 700 луѓе. Терористичката мрежа Ал-Каида-Џихад во Европа ја презела одговорноста за овие бомбашки напади во самиот центар на бритнаската престолнина. 2007.- Прогласени биле „новите“ седум светски чуда во текот на свеченоста која се одржала на стадионот „Бенфика“ во Лисабон: Големиот ѕид во Кина, Петра во Јордан, Статуата на Христос Спасителот во Бразил, Мачу Пикчу во Перу, пирамидата Чичен-ица во Мексико, Колосеумот во Рим и Таџ Махал во Индија. До овој избор дошло по гласовите на околу 100 милиони луѓе ширум светот на Интернет и по мобилни телефони. Критичарите на овој избор меѓу кои и УНЕСКО сметале дека светските чуда не треба да се избираат со јавно гласање. Египетските пирамиди во Гиза се единствените кои останале на првата листа на седумте светски чуда на стариот век. 2014.- Во Тбилиси по долго боледување починал поранешниот претседател на Грузија Едуард Шеварнадѕе. Шеварнадѕе бил претседател на Грузија од 1995 до 2003 година. Тој бил роден на 25 јануари 1928 година. 2014.- Во Мадрид на 88-годишна возраст починал легендарниот фудбалер Алфредо Ди Стефано. Најдобриот фудбалер во историјата на Реал Мадрид и почесен претседател на „кралскиот тим’’ родум од Аргентина. Својата богата фудбалска кариера ја започнал во родната земја, во редовите на Ривер Плата. Потоа бил фудбалер на Милионариос, од каде преминал во Шпанија и 11 години бил лидер на Реал Мадрид, а кариерата ја завршил во Еспањол. Ди Стефано бил прогласен за најдобар играч во историјата на Реал за кого одиграл 392 официјални натпревари и притоа постигнал 305 голови, што долг период преставувал и рекорд на клубот. Ди Стефано двапати го освоил престижното признание „Златна топка“, а во Лигата на шампионите или поранешниот Куп на шампиони дури пет пати се радувал на трофејот наменет за најдобриот тим во Европа. Алфредо Ди Стефано светот го познавал и како единствениот фудбалер кој настапувал за три репрезентации: Аргентина, Колумбија и Шпанија. Во кариерата одиграл вкупно 510 официјални натпревари и постигна 418 погодоци. ###

Остани поврзан