• сабота, 21 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
23 ноември 2022 (МИА) 1221.- Роден е кастилијанскиот крал Алфонсо X Учениот, кој е познат како втемелувач на законодвството, покровител на науката и знаењето, како и на верската толеранција. Во текот на владеењето со Кастиља и Леон од 1252 година до неговата смрт во 1284 година во Телодо создал центар за учење и место за прибежиште за многу Евреи. Со неговото залагање биле преведени Светото писмо, Талмудот и Куранот и напишал многу значајни дела: „Кралски закон“, „Астролошки знаења“, „Минералогија“, а во 1270 година започнал со пишување на делото „Големи и општи истории“. Го зазел и пристаништето во Кадис на брегот на Атлантскиот Океан, со што ја завршил петвековната маварска окупација на градот. 1531.- Во Капела завршила граѓанската војна во Швајцарија со што римокатоличките области биле признати како дел на Швајцарската конфедерација. 1555.- Во Хемниц умрел Георг Бауер - Агрикола, германски научник кој ги поставил темелите на модерната физичка геологија. Неговото дело „За металните предмети“ претставува систематска работа за рударството и за металургијата и се смета за едно од основите на овие науки. Роден бил во 1494 година. 1876.- Роден е Мануел де Фалја, шпански композитор, еден од најзначајните личности на поновата шпанска музика. Неговите дела претставуваат синтеза на андалузискиот музички фолклор на францускиот импресионизам. Автор е на операта "Краток живот" и на балетите "Трогирска шапка" и "Љубовната волшебничка". Напишал и клавирски композиции и соло песни. Умрел во Алта Грација, во Аргентина, на 14 ноември 1946 година. 1881.- Роден е мексиканскиот сликар Хосе Клементе Ороско. Познат е по декорирањето на многу згради во Мексико и во САД, инспирирајќи се од индијански и мексикански мотиви. 1890.- Големото војводство Луксембург се отцепило од Холаднија. 1896.- Роден е чехословачкиот лидер Клемент Готвалд кој бил претседател на Чехословачка од 1948 до крајот на животот, во 1953 година. 1937.- Во Ниш е роден Радован Павловски, македонски поет и академик. Потекнува од гостиварското село Железна Река. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.  Живеел и творел во Загреб и во Белград, а во 1985 година се преселил во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на МАНУ и на Сојузите на писатели на Хрватска и на Србија. Од 1985 година бил во брак со македонската сликарка Јулијана Поповска - Павловска. Најпознати поетски книги на Павловски се: „Суша, свадба и селидби“, „Корабија“, „Високо пладне“, „Низ проѕирката на мечот“, „Сонце за кое змијата не знае“, „Зрна“, „Молњи“, „Стражи“, „Клучеви“, „Се случува вечност“ и други. За своето творештво, Павловски е добитник на наградите: „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“,  „Повелба на печалбарите“, „Гоцева повелба“, „Ацо Шопов“, на странските награди: „Младост“, „Златна струна“, „24 Дисова пролет“, „Ристо Ратковиќ“. Добитник е на светското признание за животно дело АБН-САД (1998), во Тринаесетата едиција на меѓународното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ (1999) на Меѓународниот биографски центар од Кембриџ, Англија. Посебни поетски книги му се објавени на: англиски, француски, шведски, руски, романски, турски, српски, словенечки и албански јазик. Неговата поезија е застапена во голем број антологии на македонската поезија. 1940.- Владата на Кралството Романија, на чие чело се наоѓал диктаторот Антонеску, пристапила кон Тројниот пакт на фашистичките сили Берлин - Рим - Токио. 1944.- Со акт на Президиумот на АСНОМ била формирана Народната библиотека, денес Народна и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. 1961.- Доминиканска Република го променила името на главниот град Сиудад Трухиљо во Санто Доминго. 1971.- Народна Република Кина го зазела своето место во Обединетите нации откако САД, по две децении противење, се откажале од натамошното поддржување на режимот на Чанг Кај Шек, како претставник на цела Кина. 1978.- На источниот брег на Шри Ланка циклон усмртил најмалку илјада луѓе. 1980.- Во јужниот италијански град Еболи во земјотрес загинаа 2.735 луѓе. 1983.- Советскиот Сојуз во Женева ги напуштил разговорите  за ограничување на вооружувањето во знак на протест поради разместувањето на американските крстаречки ракети во Европа. 1991.- Претседателството на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија зазел став објектот на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (познат како зграда на ЦК) да го предаде на располагање на македонската држава. 1994.- Големо количество ураниум за изработка на атомски бомби било пренесено од Казахстан во САД. 1995.- Целиот свет ја поздравил мировната спогодба за Босна, која ја потпишале тројцата главни актери во Дејтонските преговори - Фрањо Туѓман, Алија Изетбеговиќ и Слободан Милошевиќ. 1998.- Претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, го определил за мандатар за состав на новата влада на Република Македонија. 2003.- Претседателот на Грузија Едуард Шеварнадѕе поднесол оставка, попуштајќи пред масовните демонстрации започнати на 3 ноември, ден после собраниските избори. 2006.- Умрел францускиот актер Филип Ноаре. Во својата 55-годишна кариера снимил 125 филмови и двапати ја освоил француската филмска награда „Цезар“, за најдобар актер во 1976 и во 1990 година за улогите во филмовите „Старата пушка“, во кој играл со Роми Шнајдер и „Животот и ништо друго“. 2007.- Умре Владимир Крјучков, последен челник на КГБ (Комитет за државна безбедност на Советскиот Сојуз). До последниот ден Крјучков тврдел дека САД ќе настојуваат и територијално да ја разбијат Русија. 2020.- На 55-годишна возраст во Скопје почина Рефик Зенку, дописник на Медиумската информативна агенција. Рефик Зенку беше новинар со речиси три децении стаж во новинарството. Неговиот последен новинарски ангажман беше во локалната телевизија ТВ Гура и  дописник на МИА од Кичевскиот регион. Покрај редовните, новинарски задачи како известувач, беше познат и како новинар кој известуваше и извонредно го познаваше локалниот спорт. Роден е на 18 мај 1965 година во Кичево. 2020.- Почина проф. д-р Снежана Веновска-Антевска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје и директор на оваа научна установа во периодот од 2002 до 2006 година. Беше дел од авторскиот тим на два капитални проекта на Институтот – Интенцијално-синтаксички речник на македонските глаголи, проект што ја доби наградата „13 Ноември“, и Толковниот речник на македонскиот јазик, проект – добитник на наградата „Гоце Делчев“. Во својата плодна научна работа, д-р Снежана Веновска-Антевска беше раководител или соработник на повеќе национални и меѓународни научни проекти и има објавено повеќе од дваесет монографски трудови, самостојно или во коавторство, и над 200 научни прилози, во домашни и во странски списанија. Проф. д-р Снежана Веновска-Антевска е родена на 2 јули 1959 година во Скопје. ###

Остани поврзан