• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
17 март 2022 (МИА)   45.п.н.е.- Јулиј Цезар во битката кај Мунда во Шпанија убедливо ги поразил силите предводени од синовите на Гнеј Помпеј Велики, кои загубиле повеќе од 30.000 борци. 180.- Умрел Марко Аврелиј, римски цар (161-180) и филозоф. Во афористичка форма го напиша делото „Писма до самиот себе“ во 12 книги. Роден е на 26 април 121 година. 1190.- Во Јорк, во Англија, биле масакрирани повеќе од 500 Евреи. 1526.- Францускиот крал Франсоа Први бил ослободен од ропство во кое се нашол во февруари 1525 година кога шпанската армија која ја предводел маркизот од Пескара, кај северниот италијански град Павио, ги поразил француско-швајцарските трупи кои биле под негова команда. 1649.- Англискиот Парламент го распуштил Домот на лордовите (Горниот дом) во време на владеењето на Оливер Кромвел, победник во граѓанската војна со која во 1648 година бил поразен кралот Чарлс Први. 1754.- Родена е Жана Мари „Манон Флипон“ Ролан, позната како Мадам Ролан, која во времето на Француската револуција во својот салон во Париз ги собирала сите писатели и останати уметници и политичари. Во 1793 година во текот на јакобинската диктатура била гилотинирана, по што нејзиниот сопруг извршил самоубиство. 1813.- Франција му објавила војна на прускиот крал Фридрих Вилхелм Трети, еден од најжестоките непријатели на Француската револуција. 1834.- Роден е германскиот инженер Готлиб Вилхелм Дајмлер кој во 1883 го конструирал првиот автомобилски бензински мотор. Тој мотор им овозможил брзина на возилата од 18 километри на час. Во 1890 година ја основал компанијата „Дајмлер Моторен-Гезелшафт“ која 26 години по неговата смрт, во 1926 година се споила со фабриката Карло Бенц во компанија „Дајмлер-Бенц“, производител на автомобилите „мерцедес“. 1836.- Тексас прокламирал републикански устав и независност од Мексико. 1846.- Умрел германскиот астроном и математичар Фридрих Вилхелм Бесе, основач и прв директор на Кенигсбершката опсерваторија. Врз основа на геодетските пресметки излегол со нови податоци за обликот и димензиите на Земјата. Работел на усовршувањето и на некои математички методи во астрономијата. 1891.- Воспоставена била првата телефонска врска меѓу Лондон и Париз. Првата телефонска линија во Европа била отворена во 1877 година во Берлин, во Германија. Пет години подоцна Берлин ја добил првата телефонска централа само со 48 претплатници. Тоа биле почетоците на телефонскиот сообраќај кој со голема брзина го освоил светот. 1914.- Во Загреб умрел Антун Матош, голем хрватски поет, раскажувач, хуманист и новинар. Со својата работа станал духовен водач на новите генерации писатели. Пишувал мошне забележливи критики за хрватската и за српската литература и бил одличен стилист. Најпознати негови дела се „Иверки“, „Нои иверки“, „Огледи“, „Видици и патишта“, „Уморени раскази“, „Нашите луѓе и краишта“, „Печалба“, „Песни“ и други. Роден е во Товарник, на 13 јуни 1873 година. 1921.- Во Полска бил прогласен уставот со кој било воведено парламентарното владеење, но во наредните пет години честите смени на десничарските кабинети не успеале да ја стабилизираат тешката политичка и економска криза во земјата, проследена со многу штрајкови. Во 1926 година маршалот Јозеф Пилсудски извршил државен удар и во земјата завел диктатура со привидно зачувување на парламентаризмот. 1938.- Роден е рускиот балетан Рудолф Хаметович Нуреев, една од најголемите ѕвезди на светската балетска сцена во 20. век. На Запад емигрирал по гостувањето во Париз во јуни 1961 година. Запаметен е по незаборавните главни улоги во многу балети, вклучувајќи ги „Лебедово езеро“, „Жизел“. 1939.- Британскиот премиер Невил Чембрлен го обвинил нацистичкиот водач Адолф Хитлер за „прекршување на зборот“, бидејќи германските трупи влегле во Чехословачка. Велика Британија и останатите западни сили со ништо не придонесле за спречување на расцепувањето на земјата, иако за нејзината безбедност вербално гарантирале. 1944.- Сојузничкото бомбардирање на Австрија во Втората светска војна почнало со повеќе од 200 авионски напади на цели во Виена. 1946.- Формирана била првата младинска бригада на Македонија, која работела на обновата на разурнатиот дел на пругата Скопје - Гевгелија, таканаречената варијанта Клисура - Удово. 1947.- Во Скопје била формирана првата Хируршка клиника во Македонија. 1948.- Велика Британија, Франција, Белгија, Холандија и Луксембург го потпишале Бриселскиот договор за 50-годишен сојуз против вооружените напади во Европа и за економска, социјална и воена соработка, што се смета за зачеток на Европската унија. 1958.- САД од космодромот Кејп Каневерал во орбитата околу Земјата го лансирале вториот американски сателит „Вангард“. 1963.- При ерупција на вулканот Агунг на индонезискиот остров Бали загинале најмалку 11.000 луѓе. 1969.- Голда Меир, како прва жена во историјата на Израел ја презела должноста премиер. 1976.- Умрел Лукино Висконти, италијански филмски режисер и сценарист, еден од зачетниците на неореалистичката филмска школа. Познати се неговите филмови „Земјата трепери“, „Роко и неговите браќа“, „Смрт на Венеција“, „Гепард“. Роден е на 2 ноември 1906 година. 1991.- На референдум мнозинството од советските гласачи се изјасниле за зачувување на Советскиот Сојуз, но набрзо државата се распаднала со формирањето на суверени независни држави на дотогашните републики во Советскиот Сојуз. 1992.- При доаѓањето на делегацијата на Република Словенија, на чело со претседателот Милан Кучан, при пречекот на аеродромот „Скопје“, биле промовирани македонските државни почести. Првпат при пречек на висок гостин била интонирана македонската државна химна „Денес над Македонија се раѓа“, првпат била построена почесната единица на Македонската армија со македонско државно знаме и првпат командантот на почесната единица полковник Стефан Лазаревски на македонски јазик му рапортирал на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Републиката. Војниците од почесната единица на сивомаслинестите униформи првпат имале поставено македонски државни симболи. 1992.- На референдумот во Јужна Африка белците со големо мнозинство ги поддржале реформите за окончување на апартхејдскиот систем. 1992.- Република Македонија и Република Словенија воспоставиле дипломатски односи. 1995.- Азербејџанската војска по жестоките борби ја скршила дводневната полициска буна во северните предградија на главниот град Баку, која против претседателот Гајдар Алијев ја предводел заменик-министерот за внатрешни работи Ровшан Јавадов. 2000.- Со уверување за скорешно непостоење на светот, најмалку 530 члена на сектата „Движење за обнова на 10 Божји заповеди“, меѓу кои и 78 деца, извршиле колективно самоубиство со самозапалување во црква во Кунунг во југозападна Уганда, 320 километри југозападно од Кампала, активирајќи мешавина од бензин и сулфурна киселина. 2003.- Врховниот суд на Шпанија на предлог на Владата ја донесол одлуката за трајна забрана на партијата на Батасун, која се смета за политичко крило на вооружената баскијска сепаратистичка група ЕТА. Оваа одлука ја потврдил и Уставниот суд на Шпанија, на 23 март истата година.   ###

Остани поврзан