• понеделник, 16 декември 2024
На денешен ден
17 август 2021 (МИА)   986.- Во Ихтиманскиот премин (Тројанова Врата), византискиот цар Василиј Втори претрпел пораз во борбата со војската на македонскиот цар Самуил кој продолжил со нови освојувања се до 991 година. 1593.- Турскиот султан Мурат Втори и објавил војна на Австрија која траела 14 години. 1878.- Во селото Ново Село, Штипско, е роден Славјеко Арсов, македонски револуционер и војвода во Битолскиот револуционерен округ, бил соработник на Гоце Делчев и учесник на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година, како и во Илинденското востание од 1903 година. На врвот Лингура, кај селото Долно Ѓуѓанце, Светиниколско, во борба против турската војска загинал на 22 јуни 1904 година. 1902.- Во Прилеп е роден Методија Андонов - Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Тој се борел за правата и за слободата на македонскиот народ, за вистината за Македонија. Поради несогласување со некои ставови на тогашниот режим на ДФ Југославија, во 1946 година, со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Умрел во Прилеп, на 24 јули 1957 година. Во октомври 1990 година бил рехабилитиран. 1903.- Во месноста Бигла, близу до селото Арменско, Егејска Македонија, здружените лерински и костурски одреди на македонските востаници извојувале голема победа над турската војска и го десеткувале турскиот гарнизон. Својот бес по поразот непријателот го истурил врз Арменско. Селото било опожарено, а околу 130 жени, деца и старци биле убиени и масакрирани. 1943.- Во Штип, во борба против бугарската полиција, загинал Славчо Стојменски, народен херој. Роден бил во Штип, на 16 октомври 1921 година. 1943.- Роден е американскиот филмски актер Роберт Де Ниро, една од најголемите светски филмски ѕвезди од крајот на 20 век, добитник на Оскар за улогите во филмовите „Кум II“ и „Разбеснетиот бик“. Тој играше и во филмовите „Беше еднаш во Америка“, „Ловец на елени“, „Њујорк, Њујорк“ и други. 1976.- Во земјотрес на филипинскиот остров Минданао загинале околу 8.000 луѓе. 1987.- Германскиот воен злосторник Рудолф Хес, заменик на Адолф Хитлер, бил пронајден мртов откако се обесил со помош на електричен кабел во ќелијата во затворот „Шпандау“. 1993.- Во Санта Моника, Калифорнија, умрел Стјуарт Гренџер, англиски театарски и филмски актер, јунак во десетина авантуристички и романтични филмови, како што се „Скарамуш“, „Последното Сафари“, „Рудникот на кралот Соломон“ и други. Роден бил во Лондон, на 6 мај 1913 година. 1994.- Во Охрид почнал Првиот фестивал на новосоздадени македонски староградски трубадурски песни „Охридски трубадури '94“. 1995.- Во Скопје, во издание на Министерството за одбрана на Република Македонија, како прилог на весникот „Вечер“, излегол првиот број на „Армиски збор“, весник на Армијата на Република Македонија. 1999.- Во најтешката природна катастрофа во историјата на Турција, во земјотрес со епицентар кај градот Измир, на 150 километри западно од Истанбул, загинале повеќе од 30.000 луѓе. 2015.- На 78-годишна возраст во Загреб починал легендарниот хрватски пејач Арсен Дедиќ. Бил примен поради сепса на интензивна нега на Клиника во Загреб по нагласените компликации од вградувањето ендопротеза на колкот. Ќе остане запаметен по големиот број чудесни лирски шлагери со оригинална текстовна матрица. ###

Остани поврзан