• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
1 март 2022 (МИА)   1498.- На патот кон Индија, португалскиот морепловец Васко де Гама како прв Европеец испловил на брегот на сегашната африканска држава Мозамбик. 1562.- Француските римокатолици, со благослов од Ватикан, најбрутално претепале околу 1.200 хугеноти (француски протестанти), предизвикувајќи ја религиозната војна којашто траела до 1598 година. 1643.- Умрел Џироламо Фрескобалди, италијански оргулист и композитор, најголем мајстор на оргули во своето време. Роден бил во 1583 година. 1810.- Роден е Фредерик Шопен, славен полски композитор и пијанист. На 20-годишна возраст се населил во Париз, каде што останал се до својата смрт. Тој е типичен претставник на националниот романтизам, а компонирал класична музика. Напишал два концерта за клавир и оркестар, околу 700 сонати, голем број полонези, валцери, ноктурна, прелудиуми и друго. Припаѓал на кругот на париската општествено-културна елита и на полските политички емигранти. Умрел на 17 октомври 1849 година. 1815.- Францускиот цар Наполеон Први со мала група следбеници испловил на брегот на Франција напуштајќи го медитеранскиот остров Елба на кој бил заробен по неговата абдикација во април 1814 година. Набрзо триумфално влегол во Париз со што ја повратил власта, а со тоа започнала неговото второ владеење познато како „100 дена“, кое завршиле во јуни истата година со воениот пораз кај Ватерло. 1879.- Роден е бугарскиот државник Александар Стамболиски, водач на Земјоделскиот народен сојуз и претседател на владата на Бугарија од 1920 до 1923 година, кога е соборен со профашистичкиот удар и набрзо убиен. Како шеф на владата се стекнал со исклучителна популарност кај народот, бидејќи спровел аграрни и даночни реформи, национализирал неколку банки и настојувал да ги измени внатрешната и надворешната политика на династијата Кобург. 1886.- Роден е австрискиот сликар Оскар Кокошка, еден од најистакнатите претставници на експресионистичкото сликарство. Во 1938 година пребегал во Велика Британија. Во текот на Втората светска војна сликал големи композиции со хуманистички пораки. 1898.- Во селото Тресонче, Гостиварско, е роден Димитар Пандилов Аврамовски Зографски, македонски сликар. Академија завршил во Софија, во 1924 година. Извесно време бил на постдипломски студии во Париз. Во почетокот сликал под влијание на својот професор Н. Маринов. Претежно работел мртви природи во акварел. Познати му се циклусите „Жетви“, „Железнички станици - вагони“, „Збегови“ и други. Самостојно излагал во Франција, во Бугарија и во Скопје. Умрел во Скопје од последиците на катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. 1905.- Во близина на селото Смол, Гевгелиско, во борба против турската војска загинал (откако му снемало муниција, за да не падне жив во рацете на непријателот, испил отров) Сава Михаилов, популарно наречен Савата, македонски револуционер и војвода. Роден бил во селото Мачуково, Гевгелиско, на 25 декември 1877 година. 1909.- Роден е англискиот театарски и филмски глумец Џејмс Дејвид Греем Нивен, добитник на Оскар во 1958 година за филмот „Одвоени столици“. Во триесеттите години од 20. век отишол во Холивуд, а во Втората светска војна бил командос во војската на САД. Останати филмови: „Патот околу светот за 80 дена“, „Касино Ројал“. 1914.- Роден е американскиот писател од африканско потекло Ралф Валдо Елисон, чиј роман „Невидливиот човек“ е еден од најимпресивните во американската книжевност по Втората светска војна. 1922.- Роден е израелскиот државник Јицак Рабин, премиер од 1974 до 1977 и од јуни 1992 до 4 ноември 1995 година, кога во моментот на напуштањето на митингот на кој зборувал бил убиен од атентаторот Јигал Амир. 1933.- Во Штип е роден Благоја Чешларов, истакнат музичар на македонската естрада, музички педагог, уметник-интерпретатор кој со своите изведби и беше познат на пошироката јавност во земјата и во странство. Умрел во Белград, на 19 ноември 1985 година. 1938.- Умрел италијанскиот писател и политичар Габриел Данунцио, изразит есеист. Најдлабока трага во литературата оставил со збирките песни „Рајска поема“ и „Алкиона“. Во политиката бил изразит претставник на италијанскиот национализам, па дури и на фашизмот. Други дела: „Огин“, „Мртов град“, „Франческа да Римини“, „Џоконда“. 1941.- Во Втората светска војна Бугарија пристапила кон Тројниот пакт и веќе на 2 март 1941 година во неа преку Романија почнале да влегуваат германските трупи. 1943.- Британското воено воздухопловство во Втората светска војна почнало систематски да ги бомбардира европските железнички системи на териториите кои б9иле под германска контрола. 1954.- САД соопштиле дека на пацифистичкиот остров Бикини ја изведоа првата проба на хидрогенските бомби. 1959.- Архиепископот Макариос Трети се вратил на Кипар по бегството на Сејшелските острови, на кои во 1956 година го протерале Британците. Кон крајот на 1959 година, Велика Британија, Грција и Турција се договориле за независност на Кипар, а Макариос во 1960 година станал првиот претседател на Кипарската Република и останал на таа функција се до смртта во 1977 година. 1966.- По три и пол месеци лет, на Венера се спуштила советската „Венера III“, првиот вселенски брод кој допрел до некоја друга планета. 1991.- На првите слободни избори во Албанија, Албанската партија на трудот (комунистите) освоиле 176 од 250-те пратенички места и ја задржале власта, но претседателот на партијата Рамиз Алија загубил во својата изборна единица. 1994.- Владата на Словачката Република донесла одлука за признавање на Република Македонија и за воспоставување дипломатски односи на ниво на амбасади. 1997.- Албанската влада на Сали Бериша поднесла оставка, по двомесечните крвави нереди предизвикани со крахот на штедилниците во кои десеттина илјади граѓани ја загубиле животната заштеда. 2006.- Објавено било банкротството на некогашниот гигант на советската автоиндустрија, фабриката „Москвич“. Долговите на „Москвич“ од една милијарда долари не и овозможиле на оваа компанија да продолжи со понатамошно производство на автомобили и резервни делови. Московската фабрика за автомобили била основана во 1930 година, како филијала на фабриката „Горки“, а сериското производство на првите модели на легендарниот „москвич“ почнале во 1947 година. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век произведен бил четиримилионскиот „москвич“. 2007.- Иранската Револуционерна гарда убила 17 бунтовници во судирите близу границата со Турција. Курдските бунтовници со децении се борат против иранските власти. Курдите, кои ги има преку 25 милиони, се најголемиот народ во светот кој нема своја држава. 2014.- Во Париз на 91-годишна возраст починал францускиот синеаст Алан Рене. На 64-ти Филмски фестивал во Берлин му била оддадена почит со неговиот последен филм „Да се љуби, пие и пее“. Во неговата долга филмска кариера, тој меѓу другото ги реализирал филмовите „Ноќ и магла“, документарен филм за нацистичките концентрациони логори, „Хирошима љубов моја“, „Мојот вујко од Америка“, „Смокинг, но смокиниг“, „Ја знаеме песната“. Алан Рене имал добиено два Цезари за најдобар режисер и еден Оскар за најдобар краткометражен филм („Ван-Гог“). 2019.- Почина виолинистот и концерт мајстор во МОБ, Ѓоко Николовски. Тој бил највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки. Во Операта и балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање, каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Работел како виолинист, а набрзо станува прв концерт-мајстор каде останал повеќе од 30 години. Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и многу други. Соработката со врвни светски диригенти придонела Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави. Ѓоко Николовски бил роден на 14 август 1927 година во Битола. ###

Остани поврзан