• понеделник, 23 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
8 јануари 2022 (МИА) 1297.- Франческо Грималди, преоблечен во калуѓер продрел во крепоста Монако која тогаш била под владение на Џенова. Притоа во неа ги пуштил своите војници и истата ја освоил. Тој е основач на династијата Грималди која и денес е на власт во кнежеството Монако. 1324.- Умрел италијанскиот истражувач Маро Поло, најпознат европски средновековен патешественик. Во 1271 година од Венеција на 17-годишна возраст тргнал кон Далечниот Исток. Пропатувал низ Месопотамија, Курдистан, Персија, Туран, Памир, Кинески Туркестан и Монголија и стигнал во Пекинг во 1275 година. Како прв Европеец преминал преку Памир, Туркестан и Монголија. Од 1275 до 1292 година ја пропатувал речиси цела Кина, а на враќањето од 1292 до 1295 година патувал преку Индокина, денешна Индонезија, Сингапур и Индискиот Океан, Персија и Црното Море. Своите патувања ги опишал во „Книга за светските чуда“, објавена во 1298 година, подоцна наречена „Милион“. 1589.- Во Дубровник е роден Иван Гундулиќ, епски, лирски и драмски писател. Напиша многу мелодрами, пасторали и лирски песни од кои многу се загубени. Најпознати негови дела се „Осман“, „Дубравка“, „Аријана“ и други. Умрел во Дубровник, на 8 декември 1638 година. 1642.- Во Фиренца умрел Галилео Галилеј, италијански астроном, еден од најпознатите физичари и астрономи воопшто. Ги проучувал проблемите на механиката, како што се: слободното паѓање, хоризонталниот истрел и други. Го конструирал првиот термоскоп, го открил телескопот, распаѓањето на Млечниот пат, појавата на сончевите дамки и друго. Неговото залагање за системот на Коперник го довело во судир со црквата и во 1616 година инквизицијата донесла решение со кое на Галилео Галилеј му се забранило да ја пропагира тезата дека Сонцето се наоѓа во центарот на светот и дека Земјата се врти околу Сонцето. Роден бил во Пиза, во 1564 година. 1679.- Храбриот француски истражувач Роберт Кавелје де ла Сал ги открил величенствените водопади на Нијагара во САД, кои се меѓу најубавите природни убавини на светот. За три години го поминал целиот тек на реката Мисисипи и од името на Луј Четиринаесетти долината ја прогласил за француски имот. Во бунт на членовите на неговата експедиција бил убиен во 1687 година. 1896.- Умрел францускиот писател Пол Верлен чија поезија е полна со лиризам и музикалност, а која значително влијаела на француските симболисти. Дела: збирките “Романси без зборови“, „Галантни свечености“, „Елегија“, „Мудрост“. 1899.- Роден е цејлонскиот државник Соломон Бандаранаике, основач и водач на Партијата за слобода и претседател на владата на Целјон (сегашна Шри Ланка) од 1956 до 1959 година кога бил убиен во атентат. Се залагал за укинување на странските воени бази, национализација на странскиот капитал и за вонблоковска надворешна политика. По победата на изборите, на функцијата престедател на владата го наследила неговата вдовица Сиримаво. 1923.- Француските и белгиските трупи навлегле во Рурската област обидувајќи се од поразената Германија да изнудат отплата за воените штети во Првата светска војна. Бидејќи кон крајот на 1922 година Репарационата комисија констатирала дека доцни испораката на јаглен на име отштета за Франција и Белгија, францускиот претседател на владата Рејмон Поенкар објавил дека војската ќе ја запоседне областа Рур со што ќе обезбеди ефикасна наплата на воената штета. Кризата договорно била решена во средината на 1924 година, а во јули 1925 година Французите почнале да ги авакуираат трупите од Рур. 1935.- Во Тупело, Мисисипи, се родил американскиот музичар Елвис Присли, „кралот на рокен-ролот“. Бил исклучително популарен во педесеттите и шеесеттите години од 20. век. Продал повеќе од 150 милиони плочи и играл во дваесетина филмови. Умрел во Мемфис, на 16 август 1977 година. 1942.- Родена е Валја Младенова Балканска, пејачка на народна музика од Бугарија. Во нејзиниот репертоар, претставуван во целиот свет, влегуваат песни како "Шар Планина", "Девојко, бално ли ти е", "Триста са пушки пукнали", "Хајдутине се молеха", "А бре, јуначе лудо и младо", "Горо ле, горо зелена", "Мајчинко, стара мајчинко". Нејзината најпозната изведба на песната "Излегол е Делјо хајдутин" е повод за национална радост во Бугарија, откако во 1977 година нејзин запис е вклучен во Златната плоча, испратена во вселената со двата американски вселенски брода „Војаџер“, кои во 2004 година ги напуштиле пределите на Сончевиот систем. 1942.- Роден е англискиот физичар Стивен Хокинг, еден од водечките светски научници на 20. век. Со оваа репутација се стекна со книгата за потеклото на универзумот „Кратка историја на времето“, објавена во 1988 година. 1943.- Кај селото Сливник, Велешко, во борба против бугарската полиција загинал (се самоубил) Трајко Бошкоски - Тарцан, илинденски првоборец, комесар на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Тој бил командант на прилепските партизани на 11 октомври 1941 година, кога во Прилеп почнало востанието на македонскиот народ. Роден е во селото Радобил, на 14 август 1918 година. 1944.- Во Верона во Втората светска војна почнал дводневен процес на шестмина членови на Големиот фашистички совет, вклучувајќи го и поранешниот шеф на дипломатијата Галеацо Чано, зет на Бенито Мусолини, кои пред крахот на фашистичка Италија во Втората светска војна му изгласале недоверба на Мусолини. Нацистичката тајна служба во последен момент се обидела да го спаси Чано, но акцијата ја сопрел Адолф Хитлер, а сите шестмина биле стрелани. 1951.- Во Софија умрел Војдан Поп Георгиев - Чернодрински, македонски патриот, револуционер, писател, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар. Тој ги напишал првите страници на македонската драмска литература и ги удрил темелите на македонското театарско дело. Сето тоа го сторил во името на слободата на македонскиот народ. Делата на Чернодрински се непосредно инспирирани од македонското револуционерно минато. Негово најпознато дело е драмата "Македонска крвава свадба", што ја напишал во 1900 година, а премиерата се одржала во Софија, на 20 ноември 1900 година. Чернодрински потекнувал од свештеничко семејство. Учел во егзархиското училиште "Свети Климент" во Охрид, а потоа образованието го продолжил во Солун. Во 1897 година бил учител во битолското село Могила, а потоа заминал да студира во Грац и во Берн, во Швајцарија. Во 1900 година семејството на Чернодрински се преселило во Софија. Роден е во селото Селци, Дебарско, на 15 јануари 1875 година. 1959.- Генералот Шарл де Гол станал првиот претседател на Петтата Француска република. 1973.- Американскиот и северновиетнамскиот преговарач, Хенри Кисинџер и Ле Дук То, во Париз ги обновиле преговорите за ставање крај на Виетнамската војна. 1976.- Умрел кинескиот државник Чу Ен Лај, еден од најистакнатите водачи на Кинеската револуција. Бил претседател на владата од 1949 до смртта и шеф на дипломатијата од 1949 до 1958 година. На Револуционерната студенска организација „Разбудено општство“ од која во 1921 година настанала Комунистичката партија на Кина и пристапил во 1919 година. Учествувал и во „Вториот марш“ во 1934 и во 1935 година. Успеал да опстане во врвот на Комунистичката партија на Кина и покрај низата чистки, вклучувајќи ја и „Културната револуција“. 1991.- Банкротирала една од најголемите светски авиокомпании, американскиот „Пан Американ“. 1991.- Во Скопје е конституирано првото повеќепартиско Собрание на СР Македонија. За прв претседател бил избран Стојан Андов, пратеник тогашната партија Сојуз на реформиски сили. 1996.- Умрел францускиот државник Франсоа Митеран, кој како прв социјалист во 1981 година бил избран за претседател на Франција. На функцијата претседател на Франција останал 14 години. Во Втората светска војна бил еден од водачите на Движењето на отпорот, а од 1971 година ја предводел Социјалистичката партија. 1996.- Заирски товарен авион паднал на пазар полн со луѓе во центарот на Киншаса, усмртувајќи најмалку 350 луѓе. 1998.- Исламскиот терорист Ремзи Ахмед Јусеф бил осуден на доживотна робја, плус 240 години затвор, како организатор за подметнувањето експлозив во 1993 година во Светскиот трговски центар во Њујорк, кога загинале шест лица. 2004.- Британската кралица Елизабета Втора го крстила најголемиот патнички брод во светот „Квин Мери 2“. Неговата изградба чинела 800 милиони долари. Беродот е долг 345 и висок 72 метри. 2007.- Умрел Ивао Такамото, креатор на симпатичната дога Скубиду, како и на други ликови од популарното семејство „Кременко“. Такамато е автор или коавтор на цртаните филмови „Пепелашка“, „Петар Пан“, „100-от далматинец“, „Семејството Кременко“. Името на симпатичната дога Скубиду е инспирирано од импровизацијата со која Френк Синатра ја завршува својата прочуена песна „Странец во ноќта“. Во текот на 50-годишното продуценско работење Такамото создал 260 филмови. 2015.- На 42-годишна возраст починал актерот Кан Бонфилс, кој се прославил со филмовите „Скајфол“ и „Војна на ѕвездите“. Покрај во „Скајфол“ и „Војна на ѕвездите: Епизода Прва“, Бонфилс глумел и во „Лара Крофт: Ограбувачи на гробници“ и „Бетмен почнува“. 2018.- На 80-годишна возраст во Тирана почина Павли Борис Никола, еден од најголемите поборници за правата на Македонците во Албанија. Роден е во селото Врница, област Голо Брдо, каде завршил основно образование, а потоа се дообразувал и работел воглавно во Тирана. Со неговите дела и активност помогна многу во негувањето на македонските обичаи, фолклор, традиции и нивното пренесување кај помладите генерации на Македонци во Република Албанија. Иако целиот свој живот го минал надвор од родното село, тој никогаш не го заборавил, често доаѓал да го посети. ###

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан