• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
8 април 2021 (МИА)   - Денеска е Светски ден на Ромите 1513.- Хуан Понсе де Леон ја открил Флорида и ја прогласил за територија на Шпанија. 1692.- Роден е италијанскиот виолински виртуоз и композитор Џузепе Тартини, кој ги открил одделните акустичните појави во музиката. Компонирал виолински концерти и сонати. 1818.- Роден е германскиот хемичар Август Вилхелм фон Хофман, познат по истражувањата во органската хемија. Основач бил на модерната индустрија на анилински бои од катран на камен јаглен. 1848.- Во Бергамо умре Гаетано Доницети, италијански оперски композитор, романтичар, творец на музика полна со драмска динамика. Главни негови дела се „Ќерката на полкот“, „Дон Пасквале“, „Лучија ди Ламермур“ и „Љубовен напиток“. Роден бил во Бергамо, на 29 ноември 1797 година. 1893.- Роден е американската филмска актерка од канадско потекло Гледис Смит, позната како Мери Пикфорд, ѕвезда на немиот филм. Филмови: „Добриот мал ѓавол“, „Девојката од вчера“, „Една малечка богата девојка“, „Малиот лорд Гонтелрој“. „Гаучо“, „Кокета“. 1894.- Умрел индискиот писател Банким Чандар Чатерџи, прв значаен автор кој пишувал на бенгалски јазик. Бил значително под влијание на шкотскиот писател Волтер Скот и главно пишувал романтични романи со домашни теми и со моралистички тон. Дела: романите „Капалкундала“, „Мриналини“, „Јургалангурија“, „Кришнакантер Чил“, „Анандамат“, „Ситарам“. 1907.- Франција и Велика Британија потпишале конвенција со која била потврдена независноста на Сијам (сегашен Тајланд). 1909.- Во Прилеп е роден Круме Кепески, македонски педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби, граматичар, автор на првата Македонска граматика, објавена во 1946 година, коавтор (со Шаип Јусуф) на првата Ромска граматика, објавена во 1980 година, на збирката анегдоти, хуморески и легенди „Островот бил парче земја фрлен во вода“, објавена во 1993 година и на други дела. Умрел на 3 ноември 1988 година. 1929.- Роден е Жак Брел, француско-белгијски шансониер. Познати се неговите хитови "Ne me quitte pas", "Amsterdam", "Mathilde". Иако е роден Белгиец, поголем дел од животот живеел во Париз, а во Француска Полинезија ги поминал последните години од животот каде умрел и е погребан, недалеку од гробот на францускиот сликар Пол Гоген. 1936.- Умрел австрискиот лекар Роберт Барањи, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1914 година. Ја расветлил функцијата на вестибуларниот апарат - орган кој ја регулира рамнотежата на човечкото тело и тонусот на мускулите. Тој придонесол за подобро запознавање на функциите на малиот мозок и лекувањето на некои заболувања на тој дел од мозокот. 1946.- Одрана била последната седница на Лигата на народите во Женева пред таа организација да биде заменета со Обединетите нации. 1950.- Умрел рускиот балетски играч и кореограф Владимир Фомич Нижински, можеби најголемиот во историјата на балетот чија кариера како балетан траеше само четири години, бидејќи во 1917 година заболел од неизлечлива душевна болест. Неговите креации никој не ги надмина, а скоковите во балетот „Сонот за розите“, поради невообичаените височини и убавини, влегоа во легендата како недостигнат идеал. 1971.- Во Лондон почнал Првиот конгрес на Ромите кој траел до 11 април. По тој повод Организацијата на обединетите нации го прогласила овој ден за Светски ден на Ромите. 1973.- Во својата вила, во малото место Мужен, на француската ривиера, умрел Пабло Пикасо (вистинското име му е Роиуз), шпанско-француски сликар, еден од најголемите светски сликари. Тој е основач на кубизмот. Посебно место во неговиот уметнички опус заземаат композициите „Госпоѓиците од Авињон“, „Герника“ и големата ѕидна слика во палатата на УНЕСКО во Париз. Тој се соживеал со скопската трагедија од земјотресот во 1963 година и бил меѓу првите кои се огласил на солидарната акција за собирање на уметнички дела, испраќајќи ја својата позната слика „Глава на жена. Роден е во Малага, Шпанија, на 25 октомври 1881 година. 1984.- Умрел рускиот физичар Пјотор Леонидович Капица, еден од најистакнатите физичари на 20-от век, добитник на Нобеловата награда за физика. 1993.- Република Македонија со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации била примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Со тоа е потврден меѓународно-правниот субјективитет на државата по изразената референдумска волја на македонските граѓани на 8 септември 1991 година за самостојна и независна Република Македонија. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН било направено под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Двете земји со посредство на ОН почнале преговори за надминување на разликите околу името. 1993.- Република Македонија воспоставила дипломатски односи со Нов Зеланд. 1996.- Република Македонија и Сојузна Република Југославија потпишале договор за нормализација на односите. 2003.- Граната испукана од тенк на американските сили врз хотел полн со новинари во Багдад ги усмртила камерманите на Ројтерс и на „Теле 5“, Тарас Протајук и Хосе Коус. 2012.- Во Канада, во Сатон Вест, умрел Методија (Тед) Петков, најстариот Македонец во светот, кој на 31 јануари го прославил 108-иот роденден. Петков на јубилејната прослава по повод државниот празник 8-ми Септември, на покана од генералниот конзул на Македонија во Торонто Драган Ѓурчевски, го подигнал македонското знаме во паркот пред Парламентот на Онтарио во Торонто. Роден бил во селото Цапари, Битолско, а во Торонто се доселил во 1930 година. 2019.- На 53 години ненадејно почина театарскиот режисер и професор на ФДУ, Златко Славенски. Славенски е роден во 1966 година во Скопје. На крајот на 1980-тите студирал филмска режија во Лондон на London International Film School (LIFS), но поради стопирање на државната стипендија во период кога почнал распадот на СФРЈ го прекинал студирањето и се вратил во Македонија. Се запишал на ФДУ на отсекот за интермедијална режија, во класата на професорите Слободан Унковски и Столе Попов и дипломирал во 1994, а една година претходно ги завршил студиите и дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет. Во 1997 се вработил на ФДУ како помлад асистент, а во 2016 година беше избран во звање редовен професор. Златко Славенски е режисер на голем број театарски проекти: „Безљубни“; „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“; „Соларис“; „Супернова“; „Бесови“; „Визија“; „Времеплов“; „И коњите ги убиваат, зарем не?“; „Побрзи од светлината“; „Спиро Црне“; „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“; „Троил и Кресида“; „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“; „Амадеус“; „Злосторство и казна“; „Пречистување“; „Време за сонување“; „Казабалкан“; „Будење на пролетта“; „Пер Гинт“; „Собрани дела на Вилијам Шекспир“; „Папокот на светот“… Награден е на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата „Екран“ за најдобра претстава за „Амадеус“, награда на весникот „Нова Македонија“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Будење на пролетта“, награда на „Нова Македонија“ за најдобра претстава на „Охридско лето“ за „Пер Гинт“. Неговите претстави се изведуваа во театри низ целата држава, а како режисер имал и голем број корпоративни видеа. Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“. До крајот на овој семестар Славенски требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“. Беше познат по неговите обиди да ги преиспитува границите на театарот како медиум. Беше во брак со актерката Искра Ветерова со која имаа две деца. Славенски е роден во Скопје во 1966 година.

Остани поврзан