• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
22 септември 2020 (МИА) - Денеска е Меѓународен ден без автомобили 1241.- Исландскиот писател и историчар Стурулсон Снори, автор на најобемните саги за норвешките кралеви, е убиен во атенат во кој учествувал и неговиот зет Гисур Торвалдсон. Убиството било нарачано од норвешкиот крал Хакон VI Хаконсон, бидејќи Снору бил пречка за исполнување на неговите планови, вклучувајќи го и припојување на Исланд кон Норвешка, што му успеало во 1262 година. 1499.- Со мирот во Базел завршена е Швабската војна помеѓу Швајцарската лига и германскиот крал Максимилијан I, со кој Швајцарија се стекна со независност. 1499.- Турската војска ја опустоши Венеција, бидејќи во големата поморска битка ја порази нејзината флота. 1735.- Роберт Волпол е првиот британски крал кој се всели во резиденцијата во „Даунинг стрит“ број 10 во Лондон. 1789.- Руско-австриските сили под команда на рускиот војсководец Александар Суворов им нанесоа тежок пораз на Турците во битката кај Римник. 1791.- Роден е Мајкл Фарадеј, англиски физичар и хемичар. Тој го откри законот за електромагнетска индукција која стана научна основа на електротехниката. Потоа го откри и законот за електролизата, што стана основа на електрохемијата и законот за врската меѓу магнетното поле и светлината. Умре во 1867 година. 1792.- Во екот на војната со контрареволуцијата париските маси го зазедоа кралскиот дворец во Париз и ги затворија Луј XVI и неговата сопруга Марија Антоанета. Законодавното собрание прокламира република, со што е создаден предуслов за спас на револуцијата и за одбрана на Франција од инвазијата. Истиот ден стапи во сила и новиот револуционерен календар. 1862.- Американскиот претседател Абрахам Линколн објави декрет според кој од 1 јануари 1863 година на сите американски робови им се дава целосна слобода. Тоа беше резултат од долготрајната борба на прогресивните сили на Американската граѓанска војна, која бараше брза и неодложна акција за ослободување на обесправените црнци. 1862.- Ото фон Бизмарк стана пруски канцелар. 1885.- Роден е американскиот филмски режисер и глумец од австриско потекло Ерих фон Штрохајм, протагонист на силниот натуралистичко-сензуален стил во кинематографијата, еден од најголемите режисери во времето на немиот филм. Во Франција во 1957 година е одликуван со „Легија на честа“. 1895.- Роден е американскиот филмски и театарски глумец, по потекло руски Евреин Муни Вајсенфројнд, познат како Пол Муни. Беше познат прво по улогите во криминалистичките филмови, а потоа и како специјалист за улоги во филмските биографии на значајни лица. 1908.- Високата порта објави дека Турција добива Устав и парламент, слобода на печатот и рамноправност на сите граѓани без разлика на верата. Уставот е донесен под притисок на младотурците. 1918.- Роден е мексиканскиот виолинист по потекло полски Евреин Хенрик Шеринг, еден од најголемите мајстори на виолини на сите времиња, кој темелно го разви класичниот и современ репертоар со извонредна техника и стилска култура. 1933.- Во Париз почна Светскиот младински конгрес против војната и фашизмот. 1934.- Во експлозија во рудникот Гресфорд во Велс загинаа повеќе од 260 рудари. 1944.- Во една битка на партизаните против балистите кај селото Премка, Кичевско, откако беше тешко ранета, умре Ибе Паликуќа, народен херој на Македонија. Родена е во Дебар, во 1927 година. 1946.- Во НР Македонија се одржаа првите избори за Уставотворното собрание. По Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, кога се удрени темелите на новата македонска држава и по Второто заседание на АСНОМ, во декември 1944 година, во ослободената земја, како резултат на изборената национална, социјална, политичка и економска слобода, а врз основа на демократските принципи, беа одржани избори за првото во македонската историја - Уставотворно собрание, кое го донесе првиот Устав на НР Македонија. 1960.- Прогласена е независноста на африканската држава Мали (поранешен Француски Судан). Нејзин претседател беше Модиб Кеит. 1974.- Беше соопштено дека во ураганот кој ја зафати централноамериканската држава Хондурас загинаа околу 5.000 луѓе. 1980.- Во Белград во присуство на 2.000 делегати од 150 земји е отворено 21. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО. 1980.- Почна отворениот судир меѓу Иран и Ирак. Ирачките сили навлегоа во југозападниот дел на Иран, со цел да воспостават контрола над стратешки значајната делта Шат-ел-Араб на влезот во Персискиот Залив. 1984.- Во Париз умре Пјер Еманиел, истакнат француски поет. Беше долгогодишен претседател на францускиот ПЕН-клуб. Во 1963 година стана добитник на Гран при за поезија што му ја додели Француската академија, чиј член стана во 1968 година. Прво негово дело е „Гробот на Орфеј“, објавено во 1941 година, а последното е објавено пред неговата смрт и носи наслов „Големо дело“. Роден е во 1916 година. 1986.- Во Струга умре д-р Димитар Хрисохо, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и основач на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје. Автор е на повеќе од 200 научни трудови и се смета за еден од пионерите на кибернетскиот пристап во медицината во Македонија. Роден е во Битола, во 1924 година. 1990.- Саудиска Арабија ги протера јеменските и јорданските дипломати и го прекина снабдувањето на Јордан со нафта, обвинувајќи ги и двете земји дека му даваат поддршка на Иран. 1991.- За првпат во Република Македонија беше изведен светиот чин опход на моштите на Свети Климент Охридски - Чудотворец (опходот траеше до 6 октомври истата година), основоположник на Македонската и на првата Словенска православна црква и втемелувач на националната самобитност на македонскиот народ. 1992.- На пленарна седница на Генералното собрание на ОН од работата во работните тела беше исклучена Југославија. На југословенската мисија во ОН и беше дозволено да контактира со Советот за безбедност и со други надлежни тела во ОН. 1992.- Во Штип е отворена првата приватна специјалистичка гинеколошка ординација во Република Македонија. 1992.- Воспоставена е авиолинија Скопје - Москва. 1993.- Во Бали, Индонезија, Република Македонија е примена во Светскиот совет за енергија. 1995.- Во несреќа на воен американски авион што се случи на Аљаска, загинаа сите 24 членови на екипажот. 1996.- Австралиецот Боб Дент, болен од рак, стана првиот човек во светот кој изврши самоубиство врз основа на закон за еутаназија. Медицински лица му помогнаа со помош на смртоносна инјекција да изврши самоубиство. 2007.- Во Париз умре Марсел Марсо (роден е како Марсел Мангел), австриско-француски, односно светски пантомимичар. Роден е во Салцбург, Австрија, на 22 март 1923 година. ###

Остани поврзан