• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
29 август 2020 (МИА) 1289.- Основана била инквизицијата, суд на Католичката црква за заштита на верата. Дејствувал во средниот век во сите земји на Западна Европа, а особено крвава и немилосрдна била озлогласената шпанска инквизиција. Многу напредни умови биле жртви на инквизицијата, како на пример Јан Хус, Џордано Бруно и други. Укината била во текот на 19 век. 1521.- Под команда на султанот Сулејман Втори, по двомесечна опсада турската армија за првпат го освоила Белград. Голем број од жителите биле раселени, а значајно културно и историско богатство било пренесено во Цариград. 1619.- Роден е Жан Батист Колбер, француски државник. Колбер ја возобновил француската морнарица и бил основач на поморската и колонијалната моќ на Франција. Умрел на 6 септември 1683 година. 1632.- Роден е англискиот филозоф Џон Лок. Како политички филозоф се залагал за верска толеранција и почитување на мислењата на другите, за ограничување на владејачката моќ, како и за законска заштита на индивидуалните права и слободи на граѓаните. 1756.- Со инвазијата врз Саксонија, прускиот крал Фридрих Втори започнал седумгодишна војна. 1792.- Најмалку 900 лица се удавиле на британскиот воен брод "Ројал Џорџ" во каналот Спитхед кај јужното англиско пристаниште Порсмаут каде што бил на поправка. 1842.- Со склучувањето мир во Нанкинг завршила Англо-кинеската војна. Со тој мир на Англичаните им се отвориле кинеските пристаништа и им биле дадени големи трговски привилегии. По ова Кина, заради вмешаноста и на другите велесили паднала под целосно влијание и на други западни држави. 1862.- Во Гент е роден Морис Метерлинк, белгиски писател од фламанско потекло. Во првите песни е близок до симболистите, а подоцна и на спиритуализмот. Познати негови дела се: стохозбирката „Стаклена градина“, пиесата „Принцезата Мален“, драмите „Мона Вана“, „Сина птица“ и други. Во 1913 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Ница на 6 мај 1949 година. 1882.- Во Велес умрел Јордан Хаџиконстантинов - Џинот, македонски преродбеник, еден од најпродуктивните културни работници од 19. век, поет, учител, метеоролог, филозоф, етнолог, новинар, собирач на старини и борец против фанариотското движење. Познати негови дела се „Таблица перваја“, „Плач на скопското училиште многу трудное“, „Аврора“, „Труд ми е името“, „Минерва и деветте музи“, „Разговор или вистински човек“, „Училишта и учење“ и др. Роден бил во Велес, во 1820 година. 1885.- Германскиот инженер Готлиб Дајмлер го патентирал првиот мотоцикл. 1915.- Во Стокхолм е родена Ингрид Бергман, една од најголемите филмски ѕвезди на Холивуд, со шведско потекло, чии остварувања се вбројуваат меѓу најголемите дострели на „седмата уметност“. Умрел во Лондон на 29 август 1982 година. 1923.- Роден е англискиот филмски и театарски актер, продуцент и режисер Ричард Семјуел Атенборо. Toj играл во повеќе од 60 филмови. 1944.- На барање на пребеганата југословенска влада, а под притисок на британскиот премиер Винстон Черчил, кралот на Југославија Петар Втори во Втората светска војна му ја одзел командата на Дражен Михаиловиќ и го признал маршалот Јосип Броз за водач на југословенските сили против германската окупација. 1949.- СССР ја извршил првата експлозија на атомска бомба. 1958.- Роден е американскиот поп-пејач со африканско потекло Мајкл Џозеф Џексон, познат по екстравагантниот живот, кој се стекнал со светска слава. Тој предизвикал презир кај црнците кога со низа хируршки интеревенции се обидел да стане „белец“. Умрел во својот дом во Калифорнија, од срцев удар, на 26 јуни 2009 година. 1960.- Јорданскиот премиер Хаза ел Маџали загинал во експлозија на подметната бомба, за тој акт биле обвинети исламските терористи од Сирија. 1975.- Умрел ирскиот државник Емон де Валера, лидер на партијата „Шин фејн“ од 1917 до 1926 година, а од 1959 до 1973 година бил претседател на Ирска. 1987.- Во Медицинскиот центар во Тусон (САД) умрел Ли Марвин, познат американски актер, добитник на наградата „Оскар“. На публиката и е познат по вонредните актерски остварувања во филмовите „Кет Белоу“, „Човекот што го уби Либерти Валанс“, „Дванаесетмината жигосани“ и во други филмови. Роден бил во 1922 година. 1994.- Република Македонија и Република Унгарија воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасади. 1994.- Саудиска Арабија ја признала Република Македонија. 1995.- Во обидот за атентат претседателот на Грузија Едуард Шеварнадѕе се здобил со лесни повреди во силната експлозија на автомобил-бомба пред зградата на Парламентот во Тбилиси. 1996.- На православниот христијански празник Успение на Света Богородица, во црквата „Света Богородица“, кај Берово, од громовите што удриле во масата од 10 до 15 илјади луѓе, загинале девет лица, а 40-ина биле повредени. 2003.- Во експлозија на автомобил-бомба пред џамија во ирачкиот град Наџаф загинале најмалку 83 лица, вклучувајќи го и водачот на шиитските муслимани во Ирак, ајатолахот Мухамед Бакера ел Хаки 2005.- Во ураганот со разорна моќ „Катрин“, кој го погодил југот на САД, загинале 1.800 лица, а материјалната штета изнесувала 118 милијарди долари. 2016.- На 83-годишна возраст починал американскиот актер Џин Вајлдер, ѕвезда на кино-класиците како „Вили Вонка и фабриката за чоколадо", „Младиот Франкенштајн" и „Жена во црвено“. Вајлдер ја започнал својата актерска кариера на театарската сцена во 1961 година. ###

Остани поврзан