• понеделник, 23 декември 2024
На денешен ден
15 март 2021 (МИА)   - Денеска е Светски ден за заштита на потрошувачите 44 г.п.н.е.- Во Рим, во Сенатот, група републикански заговорници го убиле Гај Јулиј Цезар, римски војсководец и државник, а во последните години од животот диктатор во моќната Римска империја. Убиството на Цезар го означило почетокот на граѓанската војна, во која загинале сите заговорници. По повеќегодишни воени пресметки власта ја приграбил итриот Октавијан, кој вовел монархија против која се бореле заговорниците. Цезар бил роден на 12 јули 100 година пред нашата ера. 1493.- Славниот италијански морепловец Христофер Колумбо се вратил од Мајорка, во Шпанија, од своето прво патување, кога и ја открил Америка. 1776.- Американскиот конгрес донесол одлука за укинување на зависноста од англиската круна. Независноста на САД била прогласена на 4 јули 1776 година. 1848.- Во Пешта, со востанието на граѓанските и пролетерските маси и студенти против националното и феудалното угнетување од апсолутистичка Австрија и од високото унгарско племство, избувнала Унгарската буржоаско-демократска револуција. 1867.- Виенскиот двор, поради постојаната криза која ја потресувала Австрија од револуционерната 1848 година, се откажал од унитарната држава и од тогаш Австриското царство се претворило во Австро-Унгарија. На централно ниво останале само војската,надворешните работи и заедничкиот сегмент на финансиите. Во се друго Австрија и Унгарија имале самостојност, но се наоѓале во персонална унија. 1898.- Умрел англискиот инженер Хенри Бесемер, кој во 1855 година ја пронашол постапката за преработка на суровото железо во челик, наречена „Бесемерова постапка“. Челичарницата која ја подигнал во 1859 година во Шефилд и сега произведува челик. 1907.- Во собранието на Финска за првпат биле избрани жени. 1915.- Во Скопје бил роден Венко Марковски, поет, драмски автор, еден од основоположниците на современата македонска литература. Автор е на првите поетски книги на македонски јазик „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година. Други негови дела се „Чудна е Македонија“, „Орлите на Македонија“, „Климе“, „Над пламнати бездни“, „Сказна за резбарот“, „Голи Оток – остров на смртта“ и други. Умрел во Софија, на 7 јануари 1987 година. 1917.- Револуционерите го принудиле на абдицирање рускиот цар Николај Втори кој престолот му го понудил на својот брат, големиот војвода Михаил, но тој следниот ден, под притисок, се откажа од круната, со што после три века завршило владеењето на династијата Романови. 1935.- Во Кронцелево, Егејска Македонија се родил Ташко Георгиевски, македонски раскажувач, романописец и филмски сценарист. Главна тема кај Георгиевски се трагичните прогонства и преселби на егејските Македонци, нивните несреќи и раселувања. Членувал во МАНУ од 1983 година. Работел во редакцијата на весникот „Млад борец“ и во списанието „Современост“. Бил уредник во Македонската телевизија и во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“. Ги има добиено наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“ и други. Починал на 13 април 2012 во Скопје. Најзначајни дела: „Луѓе и волци“ , „Ѕидови“, „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Црвениот коњ“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Плочата на животот“,„Исчезнување“, „Црна билка“, „Ненапишани раскази“. 1937.- Првата централна банка за чување крв со замрзнување заради трансфузија била основана во чикашката болница „Кук Кантри“. 1939.- Германските трупи влегле во Прага и ја окупирале Чешка, а следниот ден и Словачка, со што бил остварен планот за уништување на Чехословачка. Под закана од големи напади и уништување на Прага, претседателот Емил Хах во Берлин го потпишал актот за предавање на земјата на Третиот рајх. Франција и Велика Британија не сториле ништо за да ја спасат независноста на Чехословачка за која претходните неколку месеци и гарантирале во Минхен. 1974.- Во Скопје умрел Глигор Смокварски, македонски композитор, кларинетист и музиколог. Тој бил првиот кларинетист на Скопската опера и на Македонската филхармонија. Во неговото творештво доминираат фолклорните теми. Автор е на првиот македонски балет „Македонска повест“. Роден бил во селото Будинарци, Беровско, на 8 мај 1914 година. 1981.- Умрел Рене Клер, француски филмски режисер и писател на книги за филмот. Во повеќето дела го прикажувал животот на родниот Париз. Негови најпознати филмови се: „Под покривите на Париз“, „14 Јули“, „Молчењето е злато“, „Убавината на ѓаволот“, „Големите маневри“ и други. Роден бил во 1898 година. 1983.- Умрела англиската писателка Ребека Вест, која по престојот во Југославија во 1937 и во 1941 година го напишала опсежното патописно-историско дело „Црното јагне и сивиот сокол“. Останати дела: роамните „Враќањето на војникот“, „Судија“, „Хариет Хјум“. 1990.- Михаил Горбачов бил избран за прв и последен претседател на Советскиот Сојуз. Како единствен кандидат за оваа функција добил 59,2 отсто од гласовите во Конгресот на депутатите. 1990.- Во Ирак бил обесен дописникот на британскиот весник „Обсервер“ Гарзд Фазофт поради наводно шпионски активности и покрај апелите од целиот свет испратени до режимот во Багдад да не му се одзема животот. 1993.- Израелскиот претседател на владата Јицак Рабин по состанокот со претседателот на САД Бил Клинтон изразил подготвеност за компромис со Сирија на начин што во замена за мировниот договор, ќе и отстапи дел од Голанската висорамнина. 1993.- ПТТ „Македонија“, вклучувајќи се во активноста за меѓународно признавање на Република Македонија, ја промовирала редовната поштенска марка со мотив на знамето на Република Македонија. 2000.- Во Скопје умрел Живко Јаневски, уредник на фотографија во „Нова Македонија“, голем мајстор на фотографијата. Роден бил во селото Градско, Велешко, на 1 август 1940 година. 2011.- Поплави во јужниот и југоисточниот дел на Бразил принудиле околу 31.000 лица да ги напуштат своите домови. Над 6.000 лица биле евакуирани во југоисточната држава Еспириту Санту. 2011.- Во вулканскиот национален парк на Хаваи лавата што истекла низ падините на вулканот Килауеа предизвикала пожар и уништила најмалку 30 хектари. Килауеа е еден од најактивните вулкани на светот и има постојани ерупции од 3 јануари 1983 година. 2011.- Уругвај ја признал Палестина како независна држава, следејќи го примерот на другите држави од Јужна Америка. Палестина е признаена од приближно 100 држави во светот.   ###

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан