• сабота, 23 ноември 2024

Муцунски: Членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста на Европа 

Муцунски: Членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста на Европа 

Брисел, 24 јуни 2024 (МИА) - Цврсто верувам дека проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент што придонесува во градењето отпорни општества, а јасно е дека членството на земјите од Западен Балкан во Унијата претставува т.н. геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на континентот како целина, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето на средбата на шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан што се одржа во рамки на европскиот Совет за надворешни работи (ФАК). 

Муцунски во обраќањето ја истакна посветеноста на новата Влада за забрзување на темпото на реформските постигнувања што водат кон остварување на зацртаната цел - што поскоро членство на земјата во ЕУ. 

Во контекст на актуелните светски случувања, Муцунски нагласи дека воената агресија на Руската Федерација против Украина е најитниот и најголемиот предизвик на европскиот континент, но и пошироко.  

Според него, овој конфликт има големо негативно влијание и врз земјите од Западниот Балкан, што потенцијално отвора зона за можна дестабилизација на регионот. 

 - Нашата земја го задржува својот принципиелен став во однос на Украина кој го има заземено уште од првиот ден на почетокот на војната, осудувајќи ја бруталната агресија на Русија, како и давајќи недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, истакна Муцунски. 

Според шефот на македонската дипломатија, земјава е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи ги и сите рестриктивни мерки воведени од страна на ЕУ кон Русија, а во исто време и дава политичка, хуманитарна и воена поддршка на Украина. 

Како што соопшти МНР, на состанокот беше повторена заемната заложба за натамошна поддршка на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, како споделена стратешка цел и гаранција за безбедноста. 

Муцунски ќе присуствува и на аудиенција кај луксембуршкиот голем војвода Анри, а на покана на заменик премиерот и министер за надворешни работи и надворешна трговија на Луксембург, Ксавие Бетел и на работна вечера со министрите за надворешни работи од членките на ЕУ и земјите од Западен Балкан.  

Утре, министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе престојува во Брисел каде ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а потоа ќе има и средби со високи претставници на Европската Унија. сп/са/

Фото: МНР

Остани поврзан