• вторник, 24 декември 2024

Муцунски: Владата ги блокира општинските обврзници

Муцунски: Владата ги блокира општинските обврзници

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцункски, заедно со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, присуствуваше на отворањето на новиот спортско рекреативен комплекс во населбата Лисиче.

Станува збор за инвестиција реализирана со средства од буџетот на Општина Аеродром, која опфати изградба на ново игралиште за фудбал, кошарка и ракомет со современа подлога, ново детско катче, партерно уредување на просторот, како и останати содржини за забава и рекреација.

Градоначалникот на Општина Аеродром рече дека ваквите инвестиции се доказ за посветеноста и развојот на општината.

- Оваа локација пред две години изгледаше на земја од третиот свет. Сите жители на оваа општина заслужуваат да имаат еднакви услови за рекреација и спортување. Сметам дека со оваа инвестиција во Општина Аеродром го постигнавме токму тоа, рече Муцунски.

Додаде дека на седница на Влада веќе неколку месеци се блокира пристапот до обврзницата со што се прават опструкции од централната власт за да се реализираат капитални проекти во општината.

- Тоа е до тој степен изразено што во моментов на седница на Влада повеќе месеци се блокира пристапот до обврзница, односно пристапот на средства кои се наши, ни припаѓаат нам и кои ние имаме одговорност да ги реализираме, рече Муцунски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изрази задоволство што и покрај опструкциите од страна на Владата, Општината наоѓа начин за реализација на проектите ветени во предизборниот период.

-Сакаме тоа што ќе го ветиме и да го испорачаме бидејќи во минатото имало многу ветувања, тие ветувања предизвикуваат големи очекувања, а потоа кога тие очекувања нема да се испорачаат тогаш има и големи разочарувања, а како резултат на тие разочарувања денеска имаме и многумина наши сограѓани кои што за жал се селат од Македонија и од ден на ден Македонија станува се попразна и се попуста, а држава без народ полека престанува и гасне и престанува да биде држава, рече Мицкоски. ра/бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан