• понеделник, 23 декември 2024

МОН: Под ново раководство, МОН започнува системски да ги решава предизвиците на младите луѓе

МОН: Под ново раководство, МОН започнува системски да ги решава предизвиците на младите луѓе

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука е запознаено со ситуацијата во која се наоѓаат учениците од Македонија и нивните наставници ментори, кои се квалификуваа за учество на меѓународни научни олимпијади, а за жал, не добиле никаква финансиска поддршка од државата, велат од МОН.

- Под ново раководство, институцијата веќе работи на подготовка на системско решение со кое овој предизвик во иднина нема да го почувствува ниту еден друг ученик, а се трудиме да најдеме и интервентно решение со цел, да им се помогне на овие млади таленти да го реализираат годинешното учество во натпреварувањата, известуваат од МОН.

Од Министерството информираат дека во фаза на подготовка е нов Закон за средно образование во кој ќе бидат предвидени одредби за надомест на патни и трошоци за котизација за учество на меѓународни научни олимпијади.

- Многу скоро, предлог законот ќе биде проследен до Владата, а оттаму и до Собранието, каде очекуваме поддршка од сите пратеници, вклучително и од оние на политичката партија која денеска го прозва министерството, велат од МОН.

Од Министерството нагласуваат дека второто решение е интервентно за конкретната ситуација.

- Во недостиг на законска регулатива за директно постапување, МОН пред неколку денови се обрати до бизнис заедницата и коморите во Македонија со цел доколку се во можност да обезбедат спонзорство за средношколците достојно да ја претстават државата на меѓународните научни олимпијади. Очекуваме повратна информација, соопштуваат од МОН.

Оттаму потенцираат дека ја ценат грижата на политичките субјекти во државата кон младите и изразуваат уверување дека секоја идеја која ќе биде доставена до МОН, со должно внимание ќе биде разгледана можноста за имплементација.

- Сплотеноста за поддршка на младите сега, ја стимулира нивната желба за придонес и развој кон државата во иднина, истакуваат од МОН. ир/сст/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан