Момче и девојче на 18 и 16 години почнаа да примаат „трикафта“
- Момче на 18-годишна возраст и 16-годишно девојче се најновите пациенти со цистична фиброза, кои денеска почнаа да примаат модулаторна терапија, попозната во јавноста како „трикафта“, потврди за МИА, директорката на Детската клиника во Скопје, Валентина Цвејоска Чолаковска.
Скопје, 3 јануари 2024 (МИА) - Момче на 18-годишна возраст и 16-годишно девојче се најновите пациенти со цистична фиброза, кои денеска почнаа да примаат модулаторна терапија, попозната во јавноста како „трикафта“, потврди за МИА, директорката на Детската клиника во Скопје, Валентина Цвејоска Чолаковска.
- На крајот на 2023 година започна лекувањето со модулаторна терапија кај две пациентки со цистична фиброза, покрај дванаесетте пациенти кои ја примаа терапијата дотогаш. Денеска продолживме со лекување на уште двајца пациенти, а за оваа недела во план е да се вклучат уште две лица. Сите овие пациенти се во првата група на лица со цистична фиброза според тежината на болеста, според проценка од работната група формирана од Министерството за здравство. Една од пациентките веќе го продолжи лекувањето во домашни услови. Пациентите кои се водат на Клиниката за пулмологија, ќе се вклучуваат според планот на конзилиумот на оваа клиника, појасни таа за МИА.
Доцент доктор Цвејоска Чолаковска кажа оти вкупно има 55 пациенти со цистична фиброза над 12 години, кои треба да се на терапија и кои ќе бидат постепено вклучувани во текот на оваа година, според тежината на болеста.
Од Министерството за здравство информираа дека листата е направена од стручна комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање.
- Лекот „трикафта“ е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција. Ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив, нагласија од Министерството. бд/аа/
Фото: МИА