Мобилни единци за десалинизација од Обединетите Арапски Емирати ќе бидат пренесени на Кипар
- Дневното производство на десалирана вода во Република Кипар ќе се зголеми за 15.000 кубни метри со помош на мобилните единици за десалинизација што на островот ќе пристигнат од Обединетите Арапски Емирати по билатералната спогодба што ја потпишаа двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 1 мај 2025 (МИА) – Дневното производство на десалирана вода во Република Кипар ќе се зголеми за 15.000 кубни метри со помош на мобилните единици за десалинизација што на островот ќе пристигнат од Обединетите Арапски Емирати по билатералната спогодба што ја потпишаа двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кипарското МНР соопштија дека министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос и помошник-министерот за развој и меѓународни организации на Обединетите Арапски Емирати Султан Ал Шамси денеска во Дубаи потпиша билатерална спогодба за транспорт на Кипар на мобилни единици за десалинизација.
- Со овој договор, Кипар ќе може да го зголеми своето дневно производство на десалирана вода за 15.000 кубни метри. Министерството за надворешни работи им се заблагодарува на властите на пријателската земја Обединетите Арапски Емирати за нивниот брз одговор на соодветното барање на Кипар, факт што го покажува стратешкото партнерство што се разви меѓу двете држави, како и посебниот фокус на заедничките иницијативи за прашања што одлучувачки влијаат на секојдневниот живот на граѓаните, соопштија од кипарското МНР.

Претседателот на Кипар Никос Христодулидис преку социјалните мрежи за потпишувањето на спогодбата коментираше дека е „стратешка соработка со опипливи резултати“.
Според кипарските медиуми, спогодбата има за цел да го зголеми капацитетот за водоснабдување на островот, во услови на зголемена загриженост за доволното снабдување со вода. ср/