• четврток, 26 декември 2024

МНР упати вербална нота до Софија поради изјавите на европратеникот Џамбаски

МНР упати вербална нота до Софија поради изјавите на европратеникот Џамбаски
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Министерството за надворешни работи соопшти дека преку својата Амбасада во Софија упатило вербална нота, со која изразува крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), Ангел Џамбаски. - Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г-нот Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, информираат од МНР. Министерството посочува дека соодветно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, по ова известување, очекува државното раководство, Владата и Министерството за надворешни работи на Бугарија да го осудат и да се оградат од изјавите на Џамбаски. - Истовремено, Министерството за надворешни работи би ги ценела евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања, се додава во соопштението на МНР.  сп/

Остани поврзан