• вторник, 24 декември 2024

Младите Европејци ги напуштаат родителските домови на 26 години, девојките порано од момците 

Младите Европејци ги напуштаат родителските домови на 26 години, девојките порано од момците 

Брисел, 4 септември 2023 (МИА) – Во 2022 година младите луѓе во земјите членки на ЕУ се иселувале од домовите на своите родители во просек на возраст од 26,4 години, покажуваат податоците на Европската статистичка служба - Евростат. 

Гледано по држави најдоцна своите родителски домови ги напуштаат младите во Хрватска и тоа на 33,4-годишна возраст, а по нив се нивните врсници во Словачка на 30,8, во Грција на 30,7, во Бугарија и Шпанија на по 30,3, Малта на 30,1 и во Италија во просек на возраст од 30 години. 

Од друга страна, најрано се иселувале од домовите на своите родители младите во земјите околу Балтичкото Море - во Финска на старост од 21,3 години), пред Шведска на 21,4, Данска на 21,7 и Естонија на 22,7-годишна возраст. 

Во изминатите 10 години, просечната возраст на која младите го напуштаат својот родителски дом се зголемиле во дури 14 земји на ЕУ и тоа најмногу во Хрватска за 1,8 години, пред Грција за 1,7 и Шпанија за 1,6 години.

Тренд на подоцнежно напуштање на домот на своите родители има и во некои од земјите каде младите најрано се осамостојуваат. Така, во 2012 година во Шведска, каде тогаш младите најарно го напуштале родителскиот дом и тоа на 19,9-годишна возраст, 10 години подоцна таа старосна граница е поместена за 1,5 години. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, во периодот 2012-22 година, младите Европејци во просек најрано се иселувале од домовите на своите родители во 2019-та на 26,2 година, а најдоцна, на 26,5-годишна возраст во дури четири години - 2012, 2014, 2020 и 2021 година. 

Кога станува збор за полот, девојките во сите земји членки на ЕУ порано ги напуштаат своите родителски домови од нивните машки врсници. Така, додека девојките во 2022 година се иселиле од својот дом на возраст од 25,4 години, кај младите мажи просекот изнесува 27,3-годишна возраст. 

Во девет земји на ЕУ мажите ги напуштиле родителските домови над возраст од 30 години и тоа Хрватска, Бугарија, Грција, Словачка, Шпанија, Италија, Малта, Словенија и Португалија. Од друга страна, Хрватска е единствената членка на Унијата во која младите жени се иселиле од домот на своите родители на возраст од над 30 години. 

Кога е во прашање родовиот јаз, тој е најголем во Романија од 4,5 години, каде мажите го напуштале родителскиот дом на 29,9 години, а жените на 25,4, и во Бугарија од 4,1 година - мажите се иселувале на 32,3 години, а жените на 28,2 години.  

Родовиот јаз пак е најмал во Луксембург од 0,5 години, во Шведска од 0,6 и Данска и Малта од по  0,7 години. сп/

Фото: Евростат

Остани поврзан