• среда, 25 декември 2024

Младата Кристина одгледува свилени буби

Младата Кристина одгледува свилени буби
Неготино, 12 јуни 2021 (МИА) - Младата Кристина Тодорова од Неготино има несекојдневна љубов, одгледува свилени буби. Тие уживаат во својот простор, во собата веднаш до нејзината. Дваесет и тригодишната  неготинка е апсолвент  на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, па се заинтересирала за  одгледувањето  свилени буби, коишто како извор за храна користат само листови од  црница. Кристина знае дека во минатото, тиквешани, освен грозје, одгледувале и свилени буби. Така било до почетокот на шеесетите години,  во Тиквешијата, покрај лозјата,  се одгледувале  и свилени буби. -Во обезбедувањето соодветни услови при одгледувањето на моите нови миленици, со совети ми помага мојот дедо Петре. Тој, како мал, кога во овој крај масовно се одгледувале свилени буби, бил одговорен за хранење на ларвите со листови од црница, во неготинското село Војшанци, откри оваа девојка за МИА. Таа нагласи дека свилените буби ги одгледува само експериментално. -Би рекла, за запознавање со оваа древна култура, овој дргагоцен инсект, којшто  со децении наназад се одгледувал по селата во големи количини. Јас ги одгледувам  во соба во специјални кутии,  кадешто секојдневно им додавам свежи листови. Моите блиски пријатели се заинтересирани за нив, со оглед на фактот дека според моите информации,  само овде, во земјава, се одгледуваат и се многу љубопитни да ги видат,  а посебно, природната свила, кожурецот, вели таа за свилените буби. Тодорова додаде дека нејзини втори миленици коишто ги одгледува во моментов, се паразитоидните оси, коишто се најголем непријател  и природен контролор на популацијата на мувите. -Станува збор за многу мали осички со големина од околу 1 милиметар и целта ми е да им помогнам на фармерите во борбата со штетните инсекти околу фармите,  на безбеден биолошки начин, без употреба на инсектициди. Овој втор проект е помогнат со високо специјализирана техничка помош од The EU4Tech PoC, преку шест форми на поддршка. Развој на технологија и прототипови за комерцијална демонстрација, поддршка и менторство на претприемништво, управување со интелектуална сопственост, анализа на пазарот, деловен план и деловен модел и последователна поддршка за финансирање. Проектот е се уште во тек и имам помош од стручни лица професори од Ирска, Србија и Македонија, информираше младата неготинка, која активно работи на бројни проекти од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Најомилена храна дудинки или црници Историчарот Петре Камчевски од Кавадарци, за МИА рече дека според пишаните документи, а и  сеќавањето на постарите ваташани,  во Ваташа во средината на 19 век до почетокот на 20 век, македонски и турски семејства одгледувале свилени буби. -Свилата отсекогаш била многу ценета ткаенина, а неа ја носеле и Македонците и Турците. Особено ја ценеле жените кои за свечени прилики знаеле да облечат убави свилени кошули, нагласи Камчевски. Во монографијата за селото Ваташа, Камчевски пишува дека секоја година во текот на месец мај,  во одредени простории во куќите или шупите, се земале по неколку унци бубино семе, кои потоа се ределе врз специјално направени полици. Потхранувањето, отпрвин повремено, а подоцна почесто, вообичаено го вршеле жените. Најомилена храна за свилените буби биле листовите од дудинки или црници. Во Ваташа црниците се одгледувале во близината на лаките со ѓонче или детелина, а ги имало покрај реката Луда Мара. Во својот развој,  свилената буба не живеела многу долго, само два месеца. Во текот на тој период таа поминувала низ четири фази на развој и тоа јајце, ларва, кожурец и ноќна пеперуга. Јајцата се чувале  на студено околу шест дена,  а потоа се потопувале во топла вода и се оставале да се исушат на воздух. Потоа се ставале на топло место,  се додека од нив не се изведат ларвите. Од секое јајце излегувала по една мала бела ларва со големина од 6 до 7 милиметри. -Иако мали, ларвите се многу лакоми и се претпоставува дека секоја од нив јаде 30 илјади пати повеќе храна од нејзината почетна тежина. Во текот на оваа фаза свилената буба неколку пати ја отфрла својата обвивка. На крајот од периодот  од 30 дена ларвата престанува да јаде, се закачува на парче слама и почнува да преде кожурец, создавајќи долги непрекинати влакна свилен конец. Ларвите се покриваат со тие влакна, се додека по три дена, не е готов кожурецот. Бидејќи само од непробиените кожурци се добива долго и тенко влакно,  свилената буба со помош на пареа или жежок  воздух, се убива додека е во кожурецот. По уништување на ларвите со загревање, непробиените кожурци се делат според бојата и нивните влакна се намотуваат на калем. За свилата да омекне, кожурците се ставаат во вода која се загрева на температура до 60 целзиусови степени. Потоа влакната од неколку кожурци се сложуваат во група и од нив се прави преѓа,  за ткаење на свилата, стои во објаснувањето за свилените буби. Свилата ја правеле жените, а ја носеле и мажите  Преѓата која се добивала од влакната, се употребувала за правењеа ткаенина или за плетење на многу цврсти јажиња.  -Свиларите од Ваташа знаеле како со додавање на соли од калај или железо,  да се подобри густината на ткаенината и да се подобри нејзиниот квалитет. Свилата во Ваташа ја правеле само жените и се сметала за женска работа. Секоја жена работела на бакарен сад полн со жешка вода, во кој ги потопувала кожурците. Со неколку остри удари кожурецот се ослободувал од надворешната обвивка, а потоа тенките влакна се одмотувале и се плетеле во две до шест влакна. Од еден кожурец се добивале околу илјада метри свилено влакно, пишува во монографијата. Кога бубите ќе се завиткале во кожурец,  по десет до петнаесет дена,  домаќинките или жени кои добро се разбирале од таа работа,  ја влечеле свилата во мосури. Нив ги поставувале во топла вода и оттаму ги влечеле свилените влакна, кои потоа ги навиткувале на мотовила, а потоа од конецот се правела свилена ткаенина. Обично со свила се ткаеле краиштата од другите влакна, или пак се ткаело платно само од свила. Тоа платно  народски се викало  “буранџук”. Од свилената ткаенина која обично имала бела или жолта боја, во зависност од кожурците, жените правеле кошули, а со платното се правеле и везени крпи, шамии, мафези или шкепиња, кои обично ги носеле помладите жени. Според податоците до кои дошол Камчевски, свилата како ткаенина најмногу ја носеле жените, иако и мажите летно време носеле кошули од свила. Обично кога се правеле свадби, најголемиот дел од младите девојки и момчиња биле облечени во свилени кошули. Покрај тоа што од свилата се правела ткаенина, таа се употребувала за правење  торби за топовски барут, за гуми за велосипед, за непробојни елеци, хируршки конец и слично. Светлана Дарудова 

Остани поврзан