• среда, 25 декември 2024

МКЦК: Повеќе луѓе се соочуваат со опасност од мини отколку пред две години

МКЦК: Повеќе луѓе се соочуваат со опасност од мини отколку пред две години

Женева, 3 април 2023 (МИА)  -  Повеќе луѓе се соочуваат со опасностите од мини и неексплодирани убојни средства денес отколку пред две години, објави денеска Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

На алармантниот тренд укажа Ерик Толефсен, раководител на Единицата за справување со контаминација со оружје при МКЦК, по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста и помош при деминирање, кој се одбележува на 4 април.

- Повеќе луѓе денес се соочуваат со опасност од нагазни мини и неексплодирани убојни средства отколку пред две години поради борбите во Украина и Етиопија кои контаминираа големи области на населени места и обработливо земјиште“, рече Толефсен.

Според него, премногу луѓе претрпеле повреди кои го промениле животот, што покажува како секојдневните активности како садење во градина или дури и шетање низ соседството претставуваат смртоносен ризик.

Толефсен рече дека децата се особено изложени на ризик.

„Ефектите од нагазните мини и експлозивните остатоци од војната врз луѓето кои живеат, се враќаат или минуваат низ контаминирани области ќе траат со години“, објави МКЦК.

На крајот на ланската година, МКЦК објави дека иако мините и неексплодираните убојни средства се долгорочна опасност во регионот околу Украина, ризикот е зголемен од минатиот февруари.

Делови од украинските региони Доњецк и Луганск веќе беа силно контаминирани со неексплодирани убојни средства по осум години конфликт. Сето ова е многукратно зголемено откако Русија почна војна против Украина во февруари 2022 година.

Дури и пред тоа, Украина беше дом на најголемиот тим на МКЦК, кој се занимава со контаминација од оружје.

Минатата година беа одбележани 25 години од усвојувањето и отворањето за потпишување на Договорот за забрана на мини од 1997 година и 30 години од создавањето на Меѓународната кампања за забрана на нагазни мини во 1992 година.

Во август 2022 година, Хјуман рајтс воч (ХРВ) објави дека употребата на касетна муниција од страна на руските сили предизвикала трајна штета на стотици украински цивили.

Во својот извештај за следење на касетната муниција од 2022 година, ХРВ рече дека и Русија и Украина треба да престанат да користат касетна муниција и да се приклучат на Конвенцијата за касетна муниција од 2008 година. ссм/

Остани поврзан