• вторник, 24 декември 2024

Мишел: Неприфатлива е евакуација на цивилите од Рафа во небезбедни зони  

Мишел: Неприфатлива е евакуација на цивилите од Рафа во небезбедни зони  

Брисел, 12 мај 2024 (МИА) - Наредбите за евакуација на цивилите заглавени во Рафа во небезбедни зони се неприфатливи, порача синоќа претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. 

- Ја повикуваме израелската Влада да го почитува меѓународното хуманитарно право и бараме да не презема копнена операција во Рафа. Граничните премини мора целосно да функционираат и да овозможат минување на суштинска хуманитарна помош во услови кога во Газа владее глад, наведе Мишел во објава на Икс.  

Тој натаму во објавата нагласува дека сите напори мора да се насочат кон обезбедување договор за траен прекин на огнот.  

- ЕУ е посветена на праведен и сеопфатен мир заснован на решението за формирање две држави. Од тој аспект клучно е создавањето на одржлива држава Палестина, која ќе живее во мир и безбедност со Израел, како што се предвидува во резолуцијата на ОН, додава Мишел во објавата. 

Објавата на Мишел уследи по вчерашниот повик на израелската армија упатен до цивилите во Рафа да се евакуираат од густо населените делови на градот крај брегот на Средоземното Море, што се смета за најава за можна копнена операција.  

Во меѓу време, вчера израелските сили продолжија со напади врз позиции на Хамас во источниот дел на градот, откако претходните денови презедоа контрола врз граничниот премин кон Египет што се наоѓа јужно од Рафа. 

По стартот на израелската операција во северниот дел на Газа, во Рафа, што се наоѓа на крајниот југ на Појасот, засолниште најдоа околу еден милиони палестински цивили. Меѓутоа, според хуманитарните операции, по зачестените најави за израелска копнена офанзива, градот го напуштиле околу 150.000 лица. сп/мс/

Фото: Икс

Остани поврзан