• среда, 27 ноември 2024

Мицотакис ќе ги информира лидерите на политичките партии за турскиот брод, непроменета позицијата на „Оруч Рејс“

Мицотакис ќе ги информира лидерите на политичките партии за турскиот брод, непроменета позицијата на „Оруч Рејс“
Атина, 11 август 2020 (МИА) – Турскиот брод за сеизмички истражувања „Оруч Рејс“ и понатаму е со непроменета позција, односно се наоѓа во, како што тврди Грција, грчкиот континентален гребен, но без при тоа да има започнато со истражувањата, јави дописничката на МИА од Атина. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска телефонски ќе ги информира лидерите на политичките партии, а рано утрово веќе разговараше со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и ја информираше за последните случувања во Источниот Медитеран. Според грчките медиуми, бучавата од бродовите на турската воена морнарица кои го придружуваат „Оруч Рејс“, како и од бродовите од грчката воена морнарица што се наоѓаат во истиот дел, не дозволуваат да се создадат услови за почеток на истражувања. Државната телевизија ЕРТ објави дека во текот на ноќта, грчките бродови правеле дополнителна бучава за да се спречат истражувањата, но испраќале пораки дека турските бродови се наоѓаат во грчкиот континентален гребен. Одговорот од бродовите на воената морнарица на Турција бил дека тие се во рамките на турската ексклузивн економска зона. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, од Стејт Департментот ја повикале Анкара да запре со активностите во Источен Медитеран, што ги зголемуваат тензиите во регионот. Министерството за национална одбрана на Турцијана официјалниот „Твитер“ профил вчера објави фотографии од „Оруч Рејс“ како плови кон крајната дестинација, во придружба на бродови од турската воена морнарица. Грчката амбасада во Анкара, по упатствата од министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, вчера достави демарш до турското МНР, додека пак официјална Атина, преку соопштение од Министерството за надворешни работи порача дека Грција „нема да прифати никаква уцена, ќе ги брани нејзиниот суверенитет и нејзините суверени права“ и ја повика Турција „веднаш да ги запре нелегалните активности кои ги поткопуваат мирот и безбедноста во регионот“. За стуацијата во Источен Медитеран, Мицотакис вчера разговараше со Генералниот секретар на НАТО, а Дендиас со министерот за надворешни работи на Германија. Новата заостреност во грчко – турските односи започна откако вчера Турција издаде нова навигациска информација (Navtex) за сеизмички истражувања на бродот „Оруч рејс“ во морскиот дел јужно од Кастелоризо. Следеше одговор од хидрографската служба на грчката воена морнарица со контра нафтекс  и одговор дека турската активност е нелегална поради тоа што е во дел во рамките на грчкиот континентален гребен. Координатите на турската Нафтекс, според грчките медиуми се идентични и во истиот морски дел, како и претходната навигациска информација издадена пред 20-ина дена, меѓутоа тогаш, бродот остана закотвен на пристаништето во Анталија и воопшто не ги започна истражувањата, но ги заостри односите меѓу Грција и Турција, а германските медиуми тогаш пишуваа дека Ангела Меркел интервенирала за смирување на тензиите. Конкретната турска Нафтекс, според медиумите во Грција, завршува онаму каде што започнуваат координатите од договорот меѓу Грција и Египет за одредување на Ексклузивната економска зона, а новинарите коментираат дека новата Нафтекс е реакција и одговор на Турција, на конкретниот договор меѓу Атина и Каиро. ср/ми/

Остани поврзан