• сабота, 23 ноември 2024

Мицотакис соопшти зголемување на минималната плата и пензиите, како и пакет мерки за поддршка на граѓаните

Мицотакис соопшти зголемување на минималната плата и пензиите, како и пакет мерки за поддршка на граѓаните

Атина, 7 септември 2024 (МИА) – Зголемување на пензиите и на минималната плата, како и на платите во државната администрација; дополнителна рата на детскиот додаток; програма за реновирање на училишните објекти; зголемен надоместок за ноќна смена за вработените во војската крајбрежна служба, полиција и противпожарната служба; такса за туристите од крузерите на грчките острови, се дел од мерките што ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис вечерва говореше на свеченото отворање на 88-от саем и како што е традиција во Грција, премиерот од саемот да ја соопштува владината програма за следниот период, така и тој најави мерки за поддршка на граѓаните и подобрување на нивното секојдневие.

Станува збор реформи план насочени кон зголемување на приходите, развој на продуктивниот потенцијал на земјата, ублажување на нееднаквостите и решавање на одредени проблеми како што се домувањето, демографијата, но и справување со зголемениот број туристи од крузерите на одредени грчки острови. 

Мерките започнуваат од следната година и се прошируваат до 2027 година, а грчкиот премиер рече дека ќе ги примени во пракса заложбите за кои граѓаните ја избраа и ѝ дадоа доверба на Владата, за како што рече, во 2027 година Грција да е просперитетна во секој агол и за секој граѓанин. 

-Денес немам со мене некоја вреќа со непромислени бенефиции, туку предлози за корисни и ефективни опции. Особено кога веќе осум држави, меѓу кои и големи економии како Франција и Италија, веќе се ставени под надзор од страна на Европската комисија за прекумерно трошење. Такво нешто нема да дозволам да се случи во Грција, нагласи Мицотакис.

Соопшти дека од 1 јануари 2025 од 2,2 до 2,5 отсто се зголемуваат над два милиони пензии, од април предвидено е зголемување на минималната плата што сега изнесува 830 со цел до 2027 година да стигне до 950 евра, а на пролет истото така е планирано и зголемување на приходите на речиси 700.000 државни службеници, што ќе достигнат и до 100 евра месечно. 

За лекарите ќе се воведе дополнителна стимулација до 7.200 годишно за работа во здравствени структури во оддалечените области, а паралелно 20 отсто повисок ќе биде надоместок за ноќна смена за вработените во војската, крајбрежна служба, полиција и противпожарната служба. 

Во однос на туризмот во земјата, за кој Мицотакис рече дека оваа година ќе биде рекорден и иако ја поддржува економијата, сепак брзиот раст носи и последици, па така соопшти воведување такса за патниците на крузерите, кога туристот ќе пристигнува на островите, а висината ќе биде во зависност од островот.

На пример, на Санторини и Миконос таксата ќе биде повисока во однос на другите острови и ќе се менува во зависност од периодот. 

Дополнително постоечката такса за отпорност на климатски кризи во хотелите, туристичките објекти и сл се зголемува за периодот април – октомври. 

Меѓу мерките што ги соопшти е и новата програма во висина од 250 милиони за реновирање на училиштата што ќе го носи името на поранешната министерка за образование од Нова демократија Мариета Јанаку, која почина пред две години.

За енергетска надградба на стари објекти планирани се 400 милиони за кредити до 20.000 евра од Фондот за закрепнување, а за справување со проблемот со домувањето, Мицотакис најави мерки поврзани со краткорочен престој во центарот на Атина, пред сè наменет за туристите. 

Дополнително, предвидени се промени во доделувањето Златна виза, ќе може да се добие и со инвестиција од 250.000 евра во стартап бизниси. 

Во однос на поддршката на семејствата најави додатоци за нови родители, како и стимулации и за бизнисите, кои ги поддржуваат родителите со деца. 

Пакетот мерки што вечерва ги соопшти Мицотакис се очекува утре детално да ги објасни и анализира на традиционалната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун. ср/ссм/

Остани поврзан