• среда, 25 декември 2024

Мицотакис најави можноста за поставување шкафчиња во училиштата за заклучување на мобилните телефони

Мицотакис најави можноста за поставување шкафчиња во училиштата за заклучување на мобилните телефони

Атина, 18 септември 2024 (МИА) – Разговарав со министерот за образование и многу сум позитивен, доколку постои барање од Здруженијата на родители, да набавиме шкафчиња, првично за ограничен број училишта, за да можат децата да ги заклучуваат мобилните кога доаѓаат на училиште и да ги земаат кога си заминуваат, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната средба со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека кога велат „мобилниот во чанта“ за време на наставата го мислат тоа и „не е само очекување“, а се осврна и на првата казна изречена за ученик во Грција поради употреба на мобилниот телефон.

Истакна дека прашањето не е да постојат казни, туку „наставниците, професорите, родителите, а пред сè самите деца, да сфатат дека ова му помага на самиот процес на учење“.

Грчката претседателка на почетокот на средбата акцентот го стави на насилството во училиштата и потребата за соработка меѓу наставниците и родителите.

-Бидејќи образованието е првиот чекор во формирањето на општеството. Значи соработката на родителите е многу важна за да може да се спречат овие појави кои влијаат и на детската психа и на образовниот процес, истакна Сакеларопулу, на што Мицотакис потсети дека за конкретното прашање од лани функционира платформата „Stop Bullying“, „која имаше многу важен одзив и дискретно справување со многу инциденти во училишната средина“

На денешната редовна средба во Претседателската палата, Мицотакис и Сакеларопулу разговараа и за новиот состав на Европската Комисија, грчкиот премиер се осврна на ресорот што го доби Грција за кој рече дека е „многу важен за земјата, која се стреми да игра улога на порта за влез кон целиот централен и источен Медитеран“.

Претседателката на Грција истакна дека „Европа минува низ период полн со предизвици“ и задоволство што земјата се зајакнува со ресорот што ѝ е доверено. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан