• среда, 25 декември 2024

Мицотакис и Санчез ја истакнаа важноста на дигиталниот зелен сертификат за вакцинација за слободно движење на граѓаните

Мицотакис и Санчез ја истакнаа важноста на дигиталниот зелен сертификат за вакцинација за слободно движење на граѓаните
Атина, 10 мај 2021 (МИА) – Дигиталниот зелен сертификат за вакцинација, пандемијата и начинот на справување, европскиот фонд за закрепнување, Европа во пост- Меркел ерата, но и како решиле да станат политичари, беа темите за кои дискутираа премиерите на Грција и Шпанија Кирјакос Мицотакис и Педро Санчез за време на Делфи економскиот форум, јави дописничката на МИА од Атина. На панел дискусијата, двајцата премиери се осврнаа на важноста на сертификатот за вакцинација за слободното движење на граѓаните. Мицотакис истакна дека е важно што е можно побргу да се имплементира, но исто така и да се избегне карантинот, односно граѓаните да можат слободно да патуваат и слободно да се вратат во нивните земји без да треба да влезат во карантин. -Ќе имаме значаен број Европејци кои ќе бидат вакцинирани и ќе ни треба европски заеднички стандардизиран доказ за вакцинација или доказ дека е прележана болеста или доказ дека постои негативен тест пред патувањето. Многупати разговаравме за ова, дискутиравме и во Порто, има значаен напредок во техничката работа и јас очекувам сертификатот да биде активен пред крајот на јуни и ќе ги направи нашите животи полесни, бидејќи нема да биде потребно да се склучуваат билатерални договори, рече Мицотакис. Санчез истакна дека е особено важен чекор што ЕУ ќе го имплементира сертификатот и најважно е да постои договор во јуни „бидејќи треба да создадеме безбеден простор за да постои европска мобилност“. -На она што Кирјакос го кажа би ја додал важноста да ја научиме лекцијата од оваа криза. На почетокот од кризата менаџментот на Европската унија беше целосно недоволен, имавме недостиг на информации, на податоци, на размена на тие информации меѓу државите,  за да го знаат текот на пандемијата, особено на почетокот, мината година. Мислам дека овој дигитален зелен сертификат исто така ќе ја подобри нашата координација и соработка против вирусот, објасни Санчез. Одговарајќи на прашањата на новинарот од „Политико“ Флориан Едер, кој беше модератор на панел дискусијата, Мицотакис и Санчез открија кога и зошто решиле да станат политичари. Премиерот на Шпанија се потсети кога имал 14 години и ги гледал страдањата на неговите баби и дедовци за време на диктатурата во Шпанија , но и сфатил дека „социјалистичката партија е партија која ја модернизираше Шпанија“. -Ако треба да одговорам на прашањето кој беше специфичниот момент, тоа беше кога сфатив дека страдаа моите дедовци и баби, страдаа поради историската неправда, а страдаа и многу генерации во Шпанија за време на Франковата диктатура, објасни Санчез. Мицотакис, пак, рече дека неговата приказна е сосема поинаква, бидејќи растел во политичко семејство, но имал моменти кога си велел дека никогаш нема да влезе во политика. Премиерите на Грција и Шпанија, претходно остварија билатерална средба во премиерската палата во Атина. ср/

Остани поврзан