Мицотакис и Бургум го потврдиле грчко-американското стратешко партнерство и разговарале за зајакнување на енергетската соработка
- Соединетите Американски Држави ја сметаат Грција за стратешки партнер. Веруваме дека односот што го имаме денес може да се развива и проширува, особено во областа на енергијата и енергетската безбедност, порача американскиот секретар за внатрешни работи Даг Бургум на почетокот на средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 11 септември 2025 (МИА) – Соединетите Американски Држави ја сметаат Грција за стратешки партнер. Веруваме дека односот што го имаме денес може да се развива и проширува, особено во областа на енергијата и енергетската безбедност, порача американскиот секретар за внатрешни работи Даг Бургум на почетокот на средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека Мицотакис и Бургум го потврдиле одличното ниво на грчко-американските односи, а било разговарано и за зајакнување на соработката во енергетскиот сектор.
Мицотакис го нагласил стратешкиот карактер и на грчко-американските односи и на одбранбената и енергетската соработка меѓу двете земји, истакнал дека Грција, со иницијативите што ги презеде и инфраструктурата што ја развива, станува енергетски центар во Источниот Медитеран и Југоисточна Европа, извозник на енергија и снабдувач на енергетска безбедност низ целиот регион.

Секретарот Бургум на почетокот на средбата нагласи дека САД се целосно посветени на замената на рускиот со американски гас и „се инвестираат стотици милијарди долари во земјата за производство и извоз на течен природен гас (LNG)“, за што рече дека е една од многуте можности за соработка меѓу двете земји.
- Администрацијата на Трамп има одредени цели поврзани со енергетиката, а една од нив е изобилството на енергија, продажба на енергија на нашите пријатели и сојузници за да не мора да купуваат од нашите противници. Коридорот Север-Југ, улогата на Грција, со нејзината долга историја во поморството, пристапот до морето, со системот на гасоводи што се протега на север, постојат многу можности за учество на грчките компании и Грција во енергетската безбедност за Источна Европа и Југоисточна Европа, порача Бургум.

Грчкиот премиер коментираше дека е „многу интересна коинциденција“ тоа што посетата на Бургум е на само еден ден откако американската компанија „Chevron“ официјално го изрази својот интерес за започнување истражувања во областа јужно од Крит, со што, како што посочи „ги потврди суверените права на Република Грција во оваа област“.
- Особено ни е драго што можеме да зборуваме за регионалната улога на Грција како столб на енергетската безбедност за поширокиот регион. Веќе сме земја што извезува природен гас. Ние сме голем центар за увоз и извоз на природен гас во регионот. Извезуваме електрична енергија, извезуваме нафтени производи, а тоа нè прави многу силен „играч“ во Источниот Медитеран, рече грчкиот премиер и изрази надеж дека земјите дополнително ќе го зајакнат партнерство.
Мицотакис на почетокот на средбата изрази и жалост за трагичното убиство на Чарли Кирк и нагласи дека „политичкото насилство нема место во нашата демократија и слободата на говорот мора да биде заштитена по секоја цена“. ср/сд/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер