• понеделник, 23 декември 2024

Мицотакис: Имаме изградени силно билатерално економско партнерство со Германија

Мицотакис: Имаме изградени силно билатерално економско партнерство со Германија

Атина, 7 септември 2024 (МИА) – Доказ дека Грција и Германија „имаат изградено многу силно билатерално економско партнерство“, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е фактот што на Меѓународниот саем во Солун присутни се 130 германски компании, јави дописничката на МИА од Атина.

На 88-от Меѓународен саем, што започна денеска, почесна земја е Германија, во Солун е вицеканцеларот и министер за економија и климатски промени на Германија, Роберт Хабек, кој заедно со Мицотакис присуствуваа на свеченото отворање на германскиот штанд, а во нивните говори се задржаа на грчко-германскиот економски односи. 

Хабек рече дека ова е најголемо учество на германски изложувачи во станство во последните 25 години.

- Сите знаат дека грчко-германските односи имаат голема историја и се однесуваат на луѓето кои соработуваат професионално, економски и имаат пријателски односи, рече германскиот вицеканцелар и заблагодарувајќи му се на Мицотакис за поканата.

Грчкиот премиер посочи дека „да не беа толку силни бизнис и економските врски меѓу двете земји“ немаше да биде возможно да се исполни големиот простор што ѝ е отстапен на германската делегација на саемот, но и истакна дека не смее да се заборави дека Германија е еден од најголемите странски инвеститори во Грција.

- Овој саем е можност да ги зајакнеме нашите билатерални економски врски и да откриеме нови можности, порача Мицотакис.

Претходно, грчкиот премиер се сретна со германскиот вицеканцелар, а како што информираа од кабинетот на Мицотакис, на средбата станало збор за прашања од европски и билатерален интерес со акцент на економијата, енергетиката и миграцијата.

На маргините на саемот, со германскиот вицеканцелар се сретна и шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, а со Хабек разговарале за билатералните односи геополитичките случувања и кризите во Украина и на Блискиот Исток, како и соработката во енергетиката, обновливите извори на енергија и инвестициите.

По средбата, Герапетритис рече дека тоа што Германија е почесната земја на саемот „е доказ за одличните билатерални односи, но и за уверувањето дека делиме принципи поврзани со почитувањето на меѓународното право, со развојот на зелената економија, со акцент на новите технологии“.

- Со Германија имаме одлично ниво на соработка. Имав можност да го потврдам тоа со вицеканцеларот Хабек. Разговаравме за главните прашања од нашите билатерални односи кои се однесуваат на енергетиката, економијата, трговијата, туризмот. Постои голем простор за дополнителен развој на односите. Грција ќе продолжи да биде столб на безбедноста и стабилноста, столб кој ги поттикнува инвестициите, развојот, дипломатскиот капитал на земјата, истакна Герапетритис.

Денеска во Солун започна 88-от Меѓународен саем со учество на над 1.300 изложувачи од 25 земји и домаќинот Грција, додека пак свеченото отворање е вечер со говор на грчкиот премиер. 

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан